ДУИ е во власта повеќе од две децении – што доби обичниот Албанец?

Националиситчките кампањи кои ги тера ДУИ години наназад не носат леб на трпезата на Албанците, ниту премиерот Албанец ниту пак претседателот на Собранието Албанец не ги плаќаат сметките на обичните граѓани во Чаир, Топанско Поле, Сарај, Тетово, Гостивар. Јавноста секој ден слуша фалби од интегративците како ги реализирале своите проекти, а обичните граѓани живеат секој ден се полошо, па така, огромен е јазот меѓу розовата слика на политичките елити, и реалноста која ја живеат луѓето. Се чини, фотелјите се премногу удобни, за да може функционерите барем за момент да се стават во чевлите на скромниот граѓанин.

Додека ДУИ се фали што направиле за Албанците, работите зад кулисата се многу поинакви. Mногу од Албанците живеат на работ на сиромаштијата, гневот и револтот излегува од сите пукнатини на неисполнетите ветувања, а најголема шлаканица од системот е што многу од нив, чедата си ги испраќаат во други земји, бидејќи овде, велат, нема иднина.

Анкетираните граѓани во населбите каде во најголем процент живее албанско население, проблемот го гледаат во тоа што веќе и да нема политичар, кој работи за нивниот интерес. Наместо тоа, секој гледа да ја истера својата агенда.

Наместо да гледаат плата да покачат на работникот, пензии на пензионерите, тие гледаат свој интерес. Вака не оди. Не само Албанците, сите се селат. Додека не замине оваа власт, ништо нема да се смени – коментираат граѓаните.

Нема перспектива, затоа младите си одат. За 200 евра ли да работат? Деца се школувале, татко им ги финансирал, за што? Да бидат роб некому? Младите се иселуваат зошто нема работа, нема просперитет. Мали плати, не може да се постигне – коментираат други.

Аналитичарите предупредуваат дека ДУИ само се обидува на националистичка карта да ги задржи своите гласачи. Според Џенур Исени, не е прифатливо политичките партии на ваков начин да манипулираат со луѓето – и затоа е потребно итно да ги остават на страна личните интереси.

ДУИ секогаш игра на оваа карта. Го подгрева националистичкиот вокабулар и ги загрева ултра-националистите од другата страна, за после Албанците да бидат прикажани како жртва, а ДУИ како нивен спасител. На обичниот граѓанин на Македонија, не верувам дека му значат овие мегаломански ветувања на политичките елити, бидејќи обичниот Албанец и обичниот Македонец, живеат крпен живот – вели аналитичарот Џенур Исени.

Секојдневните партиски собири на ДУИ, покажуваат дека партијата е длабоко навлезена во изборна кампања, иако избори за сега не се на повидок. Доминираат говори во кои функционерите се фалат колку министри Албанци имале во владата и дека Претседателот на државата ја предводел војската со печат и на албански јазик. Ретко се зборува за секојдневните проблеми на граѓаните, економската криза, иселувањето што посебно се чувствува во селата од западна Македонија.

ДУИ често пати е обвинувана од политичките опоненти дека со прст не мрднале за жителите на Лажани, Долнени. Тоа го тврдат и фракционерите предводени од Изет Меџити, кои на средбите со своите поддржувачи велат дека разговарале за тешката економска состојба во руралните средини каде живее албанско население.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста