„Друг е виновен, не сум јас“ – власта наместо одговорност, постојано префрла вина

Не сум јас – виновен е друг. Дали ова е девизата на државниот врв? Секогаш кога треба да се бара одговорност од високи функционери или да се истражува кои институции направиле пропусти, надлежностите се префрлаат како пинг понг топче. Функционери си се возат со владини автомобили на партиски собири, пратеници земаат патни трошоци и покрај тоа што имаат станови во Скопје – материјал за санкционирање има, ама не и дела, само префрлување на одговорност.

На прашањето дали конечно може да очекуваме конкретни мерки за злоупотреби од страна на функционерите, премиерот Димитар Ковачевски, со веќе добро познатиот одговор – доколку за кој било случај на злоупотреба на функција постоеле докази или валидни аргументи, истите требало да се процесуираат понатаму.

Тоа го прави Антикорупциската комисија или надлежните инситуции пред судските и обвинителските органи. Антикорупциска апсолутно ја има поддршката од Владата во спроведувањето на својата работа исто како што ја има и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска.За сите случаи за кои имало одредени обвинувања, за некоја неусогласеност во однос на работењето сите биле без пречка процесирани од страна на Антикоурцписка, но и на институциите им е дадена можност да се произнесат за настанатите ситуации, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Злоупотребата на владини ресурси за партиски цели не е единствениот случај каде се префрла одговороноста. Шефот на организиран криминал Абази и министерот Спасовски си ја префрлаа топката кој е надлежен да отвори истрага за да се открие дали постои корупција во надзорот на Коридорите 8 и 10. Јавниот обвинител рече дека полицијата е надлежна да пријави, а Спасовски, пак, потенцира дека тоа е работа на Обвинителството.

Напоменуваме дека обвинителството е орган во чија надлежност е прогонот на сторителите на кривичните дела, додека надлежни за откривање на истите се други институции. Во оваа насока сакаме да ви укажеме дека инструментот по допрен глас, како еден од трите инструменти врз основа на кои обвинителството може да отвори постапка, се користи во исклучителни случаи, односно кога доказите за постоење на кривично дело се очигледни, а претходно нема соодветна реакција од институциите во чија надлежност е откривање на кривичните дела – соопштија на 16 март, од Обвинителството.

Дека заложбите „секој кој згрешил мора да одговара“ се само декларативни за власта покажува и неодамнешниот случај со смртта на пациентот со цистична фиброза. Одговорноста зошто не се набавил лекот „Трикафта“ се префрлаше до немај-каде, за на крај да се сведе на Беким Сали – министерот кој и онака требаше да ја напушти функцијата за неколку дена.

Беким Сали сериозно да размисли, дали може да продолжи со функцијата – рече премиерот на 9.02.2023.

Одговорност нема ниту за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во која загинаа 45 наши сограѓани. Не одговараше никој за тоа што Беса транс имала истечена лиценца за линиски превоз и користела изводи од други возила – иако тоа јавно го кажа најповиканиот – министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.  

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста