Државен испитен Центар: Штрајкот се става во мирување, вработените го обвинуваат министерот за притисок

Во образованието се случува хаос. Како наближува крајот на годината проблемите кулминираат. Од оној со државната матура, па до сведителствата кои исто како лани повторно висат. Вработените во Државниот испитен Центар го ставија штрајкот во мирување со предупредување дека нема да дозволат да се реализира планот на министерот за заменски испитувачи за државната матура. Тој пак вели дека државна матура ќе има.

Хаос во образованието. По притисоци од министерството за образование, Државниот испитен центар штрајкот го става во мирување. Велат дека преку притисок не може да се постигне ништо, а тоа сериозно ќе се отслика во полагањето на државната матура, а најмногу ќе им наштети на учениците. Од Синдикатот на Државниот исптен центар реагираат дека е неприфатливо да има 78% зголемување на платите на функционерите, а само за 30 вработени кај нив да не се најде решение.

  • Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура – процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина, велат од ДЦИ.

Ставањето на штрајкот во мирување следува по ставот од министерот за образование дека Државна матура ќе мора да се полага на 27 мај, тврдејќи дека го подготвува теренот за тоа, без да прецизира кој- ако не ДИЦ- ќе го спроведува испитот. Иако, според закон, испитниот центар е единствено овластен да го мониторира полагањето.

  • Мојот став е дека матурата ќе се реализира на 27 мај. Во комуникација сме со ДИЦ, вчера состанок одржа  Управниот одбор на ДИЦ и според информациите се прават сите подготовки за 27-ми. Ако е потребно кадар ќе доставиме од МОН, изјави Шакири во Кавадарци.

Министерот рече дека се работи за штрајк на мал број на вработени, што не е проблем да им се одговори на барањата, но се чека на системското решение за сите во областа образование. На одржување на матурата во предвидениот термин бара и организацијата на средношколски, кои особено се загрижени за оние матуранти кои ќе се запишуваат на странските факултети.

И додека врие во образованието, учениците се во прашалници кога ќе ги добијат свидетелствата, зашто школската година завршува за еден месец. Ако се суди според досегашното искуство, по се изгледа и годинава нема да се израдуваат навреме, барем според реакциите од Независниот образовен Синдикат. Велат дека државата еднаш за секогаш мора да покаже сериозност, и не во 5 до 12 да бара фирма која ќе ги печати.

Тендерот за свидетелствата засега е во жалбена процедура, а Комисија за жалби по јавни набавки на 17 мај ќе одлучува, дали ќе се повтори тендерот или која фирма е најдобриот понудувач.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста