Државата не знае каде се трошат парите од еколошките такси – собрани милиони, а дали се вложува во заштита на животната средина, никој не знае

Државата не знае каде се трошат парите од еколошките такси – од 2019 до 2021 биле собрани 13,6 милиони евра од даноци за загадување, за искористување ресурси и транспортни даноци – но колку од нив се вложени за заштита на животната средина нема конкретни информации.  

Последниот извештај на Државниот завод за ревизија објавен на крајот на 2022 година покажува фрапантни пропусти околу еколошките надоместоци. Темата „Даноците во животната средина во функција на ефикасно спроведување на политиките за заштита на животната средина“ главно се однесува на тоа дека Македонија нема соодветен информациски систем каде што на едно место ќе се соберат сите податоци за пресметките, наплатата и за меѓусебна координација на институциите што ги наплаќаат, а Државниот инспекторат за животна средина нема законска надлежност да ги казни субјектите што не го плаќаат надоместокот .Ова уште еднаш ја потврдува катастрофалната состојба во животната средина, загадениот воздух и другите последици, со што се намалува квалитетот на живот – а данокот по здравјето, кој е најскап, го плаќаме сите.

Недонесувањето на ажуриран национален акционен план и локални акциони планови за животната средина не обезбедува интегрирање на политиката за животна средина и просторно планирање во останатите секторски политики, односно интегриран пристап во решавањето на проблемите со животната средина на национално и локално ниво што влијае врз процесите за воспоставување на ефективен систем за заштита на животната средина во Македонија – стои во извештајот.

Утврдено е дека надлежните субјекти не го пресметуваат варијабилниот надоместок за води, дека се утврдени фиксни надоместоци за управување со отпад, дека надоместоците за А-интегрирана еколошка дозвола не се движат во законски определените рамки по емисиони точки, како и дека општините немаат еднаков пристап при утврдување на основата за надоместокот за собирање и транспортирање комунален отпад.

„Од 2020 година до денот на ревизијата во државниот Буџет не се остварени приходи по основа на надоместоци за користење и испуштање води во износ од 101,6 милиони денари (1,6 милион евра), за што се склучени спогодби, а процентот на неприходована вода на ниво на државата е под 60 отсто, што е значајно повисок од земјите во ЕУ, каде што е 30 отсто. Поради неиздадени и ненавремено издадени решенија за надоместокот за поседување А-интегрирани еколошки дозволи, како и поради ненавремено и нецелосно утужување, заклучно со 31.12.2021 година се остварени помалку приходи во буџетот на Министерството за животна средина, односно ненаплатени се побарувања од 9,5 милиони денари (153.000 евра), а отпишани се 30 милиони денари (492.000 евра)“, се вели во ревизорскиот извештај – стои во извештајот.

Од овој извештај произлезени се низа препораки до надлежните меѓу кои и, Министерство за животна да изготви национален еколошки акционен план, да ја ажурира Националната стратегија за води, да ги дефинира критериумите за висина на тарифите, односно надоместоците, да воспостави катастар на загадувачи, да обезбеди на евиденција на надоместоците од субјектите, Инспекторатот за животна средина пак да ја подобри соработката со Министерството во однос на користење на услугите од Централната лабораторија за животна средина за мерење на параметрите за кои е акредитирана

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста