Државата нема инфомации колку бугарски клубови има во Македонија

Какво име носи новото бугарско здружение во Валандово кое го најави Фондацијата „Македонија“? Од Централниот регистар велат дека нема регистрирано здружение во овој град, кое упатува дека е бугарско.  

  • Во општина Валандово не е регистрирано здружение кое во називот содржи зборови кои упатуваат на бугарско здружение“ велат од Централниот регистар.

Првиот човек на Фондацијата Македонија, Виктор Стојанов, вчера се пофали дека клубот ќе бил отворен за две недели.

  • Веќе имаме канцеларија, која треба да ја реновинараме и опремиме“ – напиша Стојанов на ФБ.

Но, колку бугарски клубови реално има во Македонија? Информација која очигледно никој не ја знае. Од Централниот регистар велат дека не можат да го утврдат тоа.

  • Централниот регистар не е во можност да одговори за бројот на вкупно регистрирани бугарски здруженија/ клубови/ фондации на територија на цела држава, од причина што не секогаш во називот како и во целите и задачите се содржани зборови кои упатуваат дека станува збор за бугарско здружение“ одговараат од Регистарот.

Во меѓувреме најава за отворање на уште 20-тина бугарски клубови во повеќе градови во Македонија дојде од финансиерот Милен Врабевски.

  • „За бугарските клубови во Северна Македонија, ме прашувате која е опцијата за решавање на проблемот со насилството. Многу е едноставно, уште 20 клуба и постепено вистината ќе се разбере, а евроинтеграциите значат пред се вистина. Тоа ќе ве ослободи“ – изјави Врабевски на 13,.12.2023 година. 

Дека во сите 34 градови и 15 поголеми села во Македонија ќе има канцеларии и клубови на бугарските друштва ни порача и Стојанов. На иста линија со Врабевски, клубовите ќе работеле со една цел – да ги зближат Македонците и Бугарите.

Во исто време, роковите за промена на спорните имиња на веќе отворените бугарски клубови истече пред 4 дена. Со оглед дека Регистарот не извести за добиени барања за промена на имињата, најверојатно ги нема добиено.

Претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михаилов“ во Битола, Љупчо Георгиевски тврди дека нема да го смени името, а и клубот “Цар Борис Трети” веќе најави дека нема да ги испочитуваат законските измени.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста