До кога „Цар Борис Трети“ ќе „живее“ во Охрид?!

Останува непознато кога „Цар Борис Трети“ ќе ја доживее судбината на „Ванчо Михајлов“. Рокот за прилагодување на имињата со новиот закон за здруженија и фондации од Централниот регистар го избриша само бугарскиот културен клуб од Битола. Охридскиот очигледно најде дупка во законот, па негово гаснење нема се уште.

Директно ја прашавме директорката на Централен Регистар, Марија Бошковска Јанковски, зошто не е избришан и охридскиот клуб, но како што ни кажа поради набиена агенда не можела да ни даде изјава, ни порача да сме се повикале на соопштението од оваа институција. Но, таму нема никаква информација за „Цар Борис Трети“, туку само дека бил избришан „Ванчо Михајлов“.

-Ве известуваме дека, на ден 22.03.2023 година, од страна на Министерство за правда до Централниот регистар на Република Северна Македонија е доставенo Решение за неусогласеност на  Здружението КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ИВАН МИХАЈЛОВ Битола согласно член 5 од Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, по претходно прибавеното мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности, се вели во соопштението од Централен регистар. 

Дека од охридскиот клуб немаат искрена намера своето име да го прилагодат на новиот закон за здруженија и фондации, претходно кажа и самата директорка на Централен регистар. Според Бошковска Јанковски, тие поднеле обичен лист хартија со кој намерата очигледно е само купување време.

-За здружението „Цар Борис Трети“ на 10.02.2023 е поднесено барање, каде што бара да се усогласи со новиот Закон за здруженија и фондации и притоа не е наведено ништо во тоа барање, тоа е еден лист хартија. Значи тој лист хартија не ја задоволува законската процедура за поднесување документи, изјави на 23-ти февруари Бошковска Јанковски.

Околу плановите на бугарскиот културен клуб од Охрид, став сакавме да побараме и од првиот човек на „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски. Но, за жал кога му кажавме дека го бараме од Алфа, добивме одоговор дека не сакал да комуницира со нашиот медиум.

-Со Алфа не разговарам. Во Србија можете да правите муабет за Алфа. Ајде, кратко преку телефон ни кажа Блажевски.

Инаку, самиот Блажевски претходно соопшти дека тие никаде не побарале менување на името на клубот, туку дека побарале писмено известување за тоа како клубот да функционира во иднина, согласно новиот закон. Поради ова и во Министерството за правда прашавме зошто не дале насока да се избрише и „Цар Борис Трети“, на што одговор се уште немаме.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста