До вчера гласен Македонец – денес „значаен“ Бугарин: Кој, всушност е Христијан Пендиков?

Од горд Македонец до истакнат Бугарин. Христијан Пендиков за само неколку години направил „салто мортале“ и ги сменил своите убедувања.

Неговиот веќе избугарен македонизам може лесно да се забележи на бројните слики и постови на социјалните мрежи, на кои се гледа како тој жестоко се спротиставувал на вадењето бугарски пасоши, како цитирал историски факти за Пиринска Македонија и како тврди дека Македонија му е единствена татковина.

  • „Секој треба да се бори за Македонија зашто друга татковина немаме.“
  • „Бевме, сме и ќе сме на браникот на Македонија. Засрамете се предавници.“
  • „Јас немам извадено македонски пасош, па не дај Боже бугарски.“

Ова се дел од неговите статуси и коментари напишани во изминативе неколку години.

Нејасно е што се случило во меѓувреме за тој драстично да го промени својот светоглед и да стане секретар на најконтроверзниот бугарски клуб кој го носи името на Цар Борис Трети, докажан соработник на нацистичка Германија.

Интересно е што од Бугарија преку официјални и неофицијални канали се инвестираат милиони евра за финансирање на клубови и активности на македонска територија. Од државниот буџет лани за бугарски здруженија во странство биле издвоени 400 илјади евра, а сумата е многу поголема ако се земат предвид и донациите од приватни лица и фондации.

Кога од соседна Бугарија одлучија експресно да испратат државен авион за да го земе на лекување секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, веројатно не биле запознаени за неговите ставови и размислувања од пред само неколку години.

Според дел од правните експерти Христијан Пендиков воопшто не смеел да ја напушти државата со оглед на тоа што истрагата за тепачката се уште не е завршена. Сепак, Јавното обвинителство воопшто не било консултирано.

  • „Од јавното обвинителство не беше побарана согласност за негово префрлање во Република Бугарија. Оштетениот до сега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот.“ – Информираат од обвинителството.

Но и исказите на Христијан Пендиков се сомнителни – тој неколку пати ја менувал изјавата откако прво самиот се пријавил во полиција, па заминал во болница.

  • „Првиот пат тврдеше дека бил нападнат од три лица кои ги познава, додека при вториот распит тврдеше дека бил нападнат од едно познато и две непознати лица. Несовпаѓања има и во дел од исказите на сведоците на инцидентот, но обвинителите ги обезбедија сите снимки со кои ќе се расчисти случајот.“ – Соопштуваат од обвинителство.

Христијан Пендиков е заведен и во евиденцијата на МВР откако кај него била пронајдена дрога. За него во декември лани била поднесена пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Сепак, не бил побаран притвор или други мерки на претпазливост зашто, според обвинителството, станувало збор за мала количина – 0.3 грама кокаин.

Охридската чаршија на големо шпекулира дека тепачката е поврзана со нерасчистени односи и лична нетрпеливост и дека нема врска со политика.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста