Дојранското Езеро пред еколошка катастрофа – за да се штеди на струја, исклучен системот за дополнување

До крајот на летото нивото на Дојранското езеро може да се намали и за еден метар доколку итно не бидат вклучени пумпите кои носат вода од Богданци. Упатените алармираат дека во обид да заштеди на струја, државата може да предизвика еколошка катастрофа.

  • Жителите на Дојран веќе неколку месеци зборуваат дека доколку нема вода од на хидросистемот Ѓавато, со кој повеќе од 20 години преку пумпи се полни езерото од македонска страна, на крај на лето може да ни се случи катастрофа, зашто најголем проблем ќе биде во летните месеци кога има најмногу испарување на водата, и кога населенито ги наводнува посевите, па така ако нема дотур на свежа вода, мислам дека дефинитивно ќе се наруши биодиверзитетот на Дојран кој на граѓаните им е на прво место, вели за Алфа Кирил Крапчев, Советник во општина Дојран, кој од лице место ни ја долови состојбата во која се наоѓа.

Пумпите од хидросистемот биле исклучени пред повеќе од три месеци. Сега каналот кој го полни езерото е речиси сув и веќе делумно обраснат со вегетација.

Жителите на Дојран се шокирани – не можат да поверуваат дека хидросистемот кој функционирал две децении и кој буквално го прероди целиот регион сега едноставно е ставен вон функција.

  • Дојранското Езеро за нас граѓаните претставува се, нее фер да исклучуваат пумпи да се заштети од една страна, а од друга да се уништи нашето езеро, мора сериозно да се согледа сето ова и да се реши, не само да се зборува, реагираат меѓу другото граѓаните на Дојран пред камерата на Алфа.

И градоначланикот на Дојран признава дека системот бил исклучен за да се заштеди на струја, но вели дека не постои можност да биде предизвикана еколошка катастрофа.

  • Нема шанси за никаква катастрофа поради сопрените пумпи. Системот треба да се одржува во тек на цела година, од големо значење е и неопходен ни е, но тоа не значи и дека треба да работи во тек на цела година. Сега кога имаме водостој над дозволеното, разбирливо е да биде исклучен. Да се потсетиме на случувањата од пред неколку години, кога имавме големи штети поради поплавите, се срушија и дел од плажите поради зголемен водостој. Секогаш со големо внимание и грижа се однесуваме кон езерото и кон секоја промена, но нема место за грижа или пак било каков сензационализам во овој случај. Во постојана комуникација сме со Министерството за животна средина кое раководи со хидросистемот, и никогаш не би дозволиле свесно да се направи било каква штета, вели во изјава за Алфа градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

На истиот став е и Министерството за екологија кое е одговорно за хидросистемот долг 22 километри.

  • Буџетот на Министерството е неоправдано оптеретен со енормно високи сметки за електрична енергија кои од 4 милиони денари за месец, од октомври минатата година се зголемија на повеќе од 20 милиони денари. Нема место за вознемираност и во случај на евентуално намалување на нивото на Езерото, Владата ќе ја разлгеда можноста за повторно приклучување на системот“, соопштија од Министерството за животна средина.

Сепак, хидролозите предупредуваат дека проблемот особено ќе дојде до израз во август и септември, кога е најголемо испарувањето и кога од грчката страна на езерото се вклучуваат пумпите за наводнување. Хидросистемот Ѓавато е изграден во 2002 со цел полнење на Дојранското Езеро.

Хидросистемот за спас на езерото е проект на владата на ВМРО-ДПМНЕ во 1999-та година, кога беше прогласена елементарна непогода и две години подоцна зпочна неговата изградба.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста