Дојавите за поставени бомби во училишта продолжуваат, за првпат и во три прилепски основни училишта

Бомба е поставена во школото. Ќе пукне многу брзо! Ќе има жртви. Не ме прашувајте ништо. Ги избришав сите докази. Ништо нема да признаам. Ова е поздрав од мене. Хо, хо“, гласи пораката која утринава нешто после девет часот пристигнала на електронските адреси на три основни училишта во Прилеп, „Блаже Конески“, „Гоце Делчев“ и „Добре Јованоски“. Пораката е потпишана од извесен Емрах Јусуфовски. Според изјавите од директорите на училиштата дадени за Алфа, веднаш биле преземени сите мерки за безбедно евакуирање на учениците и биле информирани сите надлежни институции.

   „Наставата денеска е прекината. Учениците од првата смена пуштени се дома, а втора смена, денеска нема ни да има. Веднаш беше информирано МВР, ТППЕ, како и Итната помош, а се направија и антитерористички проверки во училишната зграда. Се надеваме дека утре наставата ќе ја продолжиме нормално“, – ни изјави за Алфа, Мартина Пројческа, директорка на ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп.

   Во исто време со дојавите за бомби во трите прилепски основни училишта, дојави имало и во три училишта во Битола, во две во Тетово, во седум училшта во Скопје и во едно училиште во струшко Подгорци. Оваа иноформација ни ја потврдија и од СВР Битола од каде не’ информираа дека веднаш по пријавите во МВР, биле преземени сите стандардни процедури за антитерористички проверки, со цел расчистување на случаите.

  Од друга страна, Агенцијата за национална безбедност утре треба да реферира пред собраниската комисија  за надзор над работата на безбедносните служби за активностите што ги презела во врска со континуираните дојави за поставени бомби, чија цел, подлог период се училишта, трговски центри и други објекти каде има голема фрекфенција на луѓе.

   Инаку, првите дојави за бомби беа уште во октомври. Оттогаш до сега, МВР може да се пофали само со две кривични пријави против двајца малолетници кои се сомничат дека испратиле дел од мејловите, иако дојавите речиси секојдневно продолжуваат да пристигнуваат на различни локации ширум земјава.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста