Директорката на градинката „Пролет“ не верува дека вирусот коксаки со кој се заразија дечиња потекнува од кај нив

Директорката на детската градинка „Пролет“ во Влае не верува дека токму установата со којашто таа раководи е извор на вирусот коксаки, со кој, како што објави Слободен печат, наводно се заразиле 25 бебиња и мали деца од јасли.

Директорката на градинката, Соња Јанчевска, во разговор за Плусинфо тврди дека се многу мали шансите децата да се заразиле со вирусот за време на нивниот престој во градинката, оти, како што објаснува таа, симптомите ги добиле за време на викендот, а не во текот на работната недела.

„Имаме само едно дете кое е заразено со коксаки вирусот и кое поседува соодветен документ дека е заразено. Сите останати деца се повлечени од градинката по барање на родителите. Од друга страна, симптомите на вирусот им се појавиле за време на викендот, а не во периодот додека децата биле во градинка. родителите си ги носат своите деца на игралишта, на роденденски забави во игротеки и на разни други места, а не само во градинка. Колкава е веројатноста коксаки вирус да се шири во детска градинка? Во секој случај, ние веднаш направивме целосна дезинфекција на целиот објект. ја дезинфициравме целата постелнина, креветчињата, играчките и сите други предмети – вели Јанчевска.

Во објавата на Слободен печат, родител на дете заразено со вирусот коксаки се жали на хигиената во градинката.

„Првите симптоми се појавија минатата недела и скоро сите мислевме дека е алергија. Моето дете се разболе во петокот. Детето се исфрли по телото со красти по нозете и на рацете. Матичната лекарка потврди дека се работи за коксаки и сите родители во групата беа известени. Нема никаква хигиена во градинката – обвинува мајката на детето.

Од државниот санитарен и здравствен инспекторат, пак, информираат дека вчера бил извршен редовен инспекциски надзор во оваа градинка, при што е констатирано дека санитарно-хигиенската состојба во градинката е на солидно ниво, спроведени се мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и здравствено-санитарни прегледи за вработените, согласно законските рокови.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста