Дипломатска „победа“ на Бугарија: Со оружје за Украина си обезбедуваат предност пред Македонија

Фактот што Бугарија стана еден од главните логистички центри за достава на оружје на Украина и дава простор за маневар во спорот со Македонија. Додека нашата власт потчинето молчеше на сите на бугарски навреди и омаловажувања, официјална Софија си ја зацврсти својата улога пред европските партнери.

Станаа главен центар на западот преку кој Киев добива оружје во одбраната против Русија. Според универзитетскиот професор, Александар Нацев, одлуката на бугарскиот Парламент од крајот на 2022-ра е една од работите со кои Бугарија си обезбедува предност пред Македонија, во очите на европските сили.

-Сигурно не е тајна во НАТО круговите во Брисел дека Бугарија го прави тоа уште на самиот почеток.  Можеби сами се понудиле да добијат одреден број на дипломатски поени и тоа е тоа што денеска можеби и дозволува на Бугарија малку повеќе простор за маневар во дипломатските кругови не само во однос на бугарската домашна политика, туку и во надворешната политика, особено во моменталната состојба во која што се наоѓа со Македонија, изјави Нацев за Алфа.

Во моментов Македонија воопшто не е меѓу главните интереси на европската заедница. Нацев вели дека имаат многу други проблеми, како војната, економската и енергетска криза. Па евентуалната евроинтеграција на државава никако не е меѓу она што е приоритет на Европската Унија.

-Мислам дека во моментов спорот со Македонија не е високо на агендата во Европа, бидејќи Европа во моментов се соочува со неколку различни проблеми, пред се економски и енергетски недостатоци. Веќе имаме огромен број на лица во европските држави кои што се погласно зборуваат, дури и носители на јавни функции кои што зборуваат со еден алтернативен речник дека потребно е да се работи на пронаоѓање решение за конфликтот во Украина, вели Нацев.

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков веќе се фалеше дека Бугарија продала оружје во Украина, уште пред да биде донесена одлугата во бугарскиот Парламент.  

-Благодарен сум што другите земји од НАТО и ЕУ одлучија да ја имаме оваа муниција. Го купиле во Бугарија и бесплатно го дале на украинската војска. Тоа беше најдобрата комбинација. Од една страна, би можеле да дадеме голем придонес во помагањето на украинската армија, од друга страна, украинската нација не платила многу или воопшто не платила, изјави Петков.

Членовите на владината коалиција во софија претходно изјавија дека ниту еден куршум од Бугарија нема да оди во Украина. Во април минатата година според мерењата на јавното мислење 44 проценти од Бугарите веруваа дека НАТО е одоговорен за оваа војна, што е највисок процент меѓу 16 европски земји и Велика Британија, според анкетата на „YouGov.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста