Дипломатија, по некој убав збор, но ништо на дело – каков е односот на Брисел кон Македонија?!

По кој знае кој пат Македонија добива слаткоречивост наместо конкретни чекори – Брисел само не тапка по рамо, но Македонија останува заглавена на патот кон ЕУ. Донекаде очекувано, бидејќи сега кај нас е топката – да ја завршиме работата дома со корупцијата и реформите во правосудството. Но, она што според експертите најмногу разочарува е дека ЕУ не се придржува до копенхашките критериуми како нејзини столбови. Според амбасадорот Мартин Треневски, време е Македонија и македонските политичари да покажат дека не сме наивни, посебно поради фактот дека Македонија е единствена земја која има различен третман на пристапување кон ЕУ, со сите условувања кои потекнаа од соседите, а Унијата ги дозволи.

Таа Унија не може да измислува нови услови, сменете го Уставот за да почнете преговори. Во моите очи тоа е скандалозно. ЕУ не се држи до своите критериуми од Копенхаген која сама ги донесе. Нема веќе простор за убедувања во смисла, ќе биде, ако биде, туку треба да ни се дадат конкретни потези, мерки, кои ќе значат нешто за овие земји од нашиот регион – вели поранешниот амбасадор во НАТО, Мартин Треневски.

Европската Унија ниту еднаш до сега не застана на страна на Македонија кога се во прашање провокациите од Бугарија. Не само што молчи, туку и даде зелено светло да продолжи со условувањата а тоа посебно се гледаше со францускиот предлог во кој беа преточени сите нивни барања. Но тоа македонските политичари како да не го гледаат – па паѓаат на убавите зборови на европските тешкаши. Премиерот Ковачевски по Самитот во Тирана, е цврсто убеден дека ЕУ е посветена на проширувањето, откако шефицата на Европската комисија изјави дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Сепак, експертите се децидни дека ЕУ треба посериозно да пристапи кон регионот.

Слатките зборови не се ништо ново. Можеби се обвиени во една така, нова обланда, но лично сум многу воздржан околу пораките што самата Унија ги дава – додава Треневски.

На самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана беше потпишана Декларација во која ЕУ jа потврдува својата целосна посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија и повикува на забрзување на пристапниот процес заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни услови, како и принципот на сопствените заслуги. Oваа декларација доаѓа во исто време кога се повеќе се засилуваат критиките од претставниците на ЕУ и САД дека Македонија има сериозен проблем со корупцијата и мора да го реши доколку сака да го исполни европскиот сон.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста