Димовски не можел утре, ќе дојдел во петок во Собрание: Ако има и најмала вина во случајот со Онишченко мора да одговара и не смее да замине никаде како амбасадор

Обично пребарување на Гугл ни покажува дека Александар Онишченко се бара со потерница од Украина, поради перење пари и сомнежи за вмешаност во проституција. Обично впишување на неговото име и презиме ни покажува и дека е на црниот список на САД.

Она што секој обичен човек може да го види на Гугл, очигледно не го виделе или пак не сакале да го видат, оние кои треба да се грижат за национална безбедност на државата. Онишченко зелено светло да добие македонски пасош добил токму од Агенцијата за национална безбедност.

Таму директор е Виктор Димовски, човекот кој чека да замине во Париз, на позицијата македонски амбасадор во Франција. Но пред да замине таму, тој ќе мора да даде одговори пред народните избраници за скандалот.

Според претседателот на комисијата за надворешна политика , Антонио Милошоски ако се докаже и најмала вина кај Димовски, тој никако не смее да замине амбасадор во било кај земја.

-Таков човек не би требало да биде амбасадор било каде, а најмалку во угледна земја членка на НАТО како Франција. Грешка може или пропуст може да направи некоја некоја Федерација за коњачки спортови или Агенција за млади и спорт, кој што не се задолжени да проверуваат безбедносни квалификации на одреден човек. Но, АНБ сметам дека доколку дала позитивно мислење за Онишченко, има индиции дека тука некој имал материјална корист од ваквото давање на македонски пасош, изјави Антонио Милошоски. 

Иако требаше во среда, Димовски пред собраниската комисија за надзор на работата на АНБ, ќе се објаснува во петок, не можел да дојде во првиот закажан термин, бидејќи морал да оди на службен пат во Брисел. Милошоски е на ставот дека прво таму треба да каже што се случувало во случајот со Онишченко, а потоа пред комисијата со која тој раководи.

-Прво треба да одговори како директор на АНБ, дали работел законито, бидејќи да се издаде македонски пасош на човек што е на црната листа на САД и се бара со потерница за перење пари и проституција е големо девалвирање на безбедносниот систем. После исходот од таа комисија да го закажеме продолжението на комисијата за надворешни работи, каде што би требало да се претстави со неговите тези за амбасадор, изјави Милошоски.

Сомежите дека не се работи за најобична грешка или превид стануваат уште поголеми, ако се погледнат претходните случаи кога македонските пасоши се во прашање. Пред две години силно одекна скандалот дека македонските пасоши со туѓ идентит добиле светски барани криминалци, меѓу кои беа Седат Пекер, Јован Вукотиќ, Валид Иса Хмаис, Флоријан Мусаи, Стефан Ѓукиќ и Жељко Бојаниќ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста