Димовски конечно заминува: Четири клана во СДСМ се борат за АНБ- кој ќе победи?

Димитар Ковачевски, Зоран Заев, Миле Зечевиќ, Оливер Спасовски. Четири имиња, четири клана во СДСМ, а една иста цел, директорското место во АНБ. Утре конечно ќе се знае кој ќе ја добие оваа внатрепартиска битка за националната безбедност? Според информациите кои ги објави опозицијата, веќе шест месеци овие четири клана се борат за местото на Виктор Димовски, кој утре конечно заминува од Агенцијата за национална безбедност.

За неговото заминување се чекаше повеќе од еден месец по објавувањето на големиот скандал со украинскиот олигарх Олександр Онишченко. Димовски не е единствениот проблем на АНБ, таа повеќе од една година е без надлежен за раководење со внатрешната контрола. Најпросто кажано никој не ја контролира работата на вработените. За ова предупредуваше и потрпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој кажа дека внатрепартиските кланови во СДСМ, се причината за лошо функционирање на АНБ.

-СДСМ реши да не направи кворум на својот директор Виктор Димовски на седницата за контрола на работата на АНБ и АР, кога требаше да се избере директор за внатрешна контрола. Затоа што веројатно клановите во рамки на СДСМ, кои што сакаат да ја контролираат АНБ не можеа да се договорат помеѓу себе. И така АНБ 14 месеци нема директор за внатрешна контрола и никој не го спроведува контролирањето во АНБ иако тоа е клучен сегмент, изјави Николоски.

Димовски заминува, но нема да биде казнет за случајот со Онишченко, туку ќе добие награда. Ќе се пресели во Париз на позицијата македонски амбасадор во Франција. Самиот тој веќе се амнестираше од одговорност за големиот скандал кој доведе до барање негова одговорност. Вината ја префрли врз обични службенициво АНБ, а тој иако директор не чувствувал макар и морална одговорност.

-Воспоставен е систем така како што треба. Ние ќе го испитаме системот уште еднаш дали има некаков недостаток. Се работи за една алка во тој систем која што направила голем пропуст, која има потенцијал да ја компромитира работата и сите досегашни достигнувања на агенцијата. За лицето и евентуално други инволвирани во наведениот слуачај ќе си бидат преземени законски мерки, изјави Димовски.

Случајот со Онишченко не е единствен скандал на Димовски и АНБ, опозицијата цело време предупредува дека власта нелегално ги следи функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, проблем што ќе биде нотиран и во новиот извештај на Советот на Европа, вели Александар Николоски.

Опозицијата порача дека скандалите кои директно ја поткопуваат националната безбедност на државата не смеат да завршат само со одговорност кај обични службеници, туку дека треба да одговораат и функционерите од власта, во прв ред Димовски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста