Дилеми околу породилното – ќе прават ли газдите притисок врз жените да се вратат на работа по 5 месеци, ќе може ли таткото да земе отсуство, колку ќе се плаќа?

Обемен, конфузен и комплициран Закон за работни односи во однос на породилното отсуство. Синдикатите негодуваат зошто постојано се копираат лоши, наместо добри законски решенија. Додека министерката за труд Тренчевска се фали дека отсуството за раѓање дете се продолжува на 13 месеци и можат да го користат мајката 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско, а таткото уште 4 месеци татковско отсуство, синдикатите скептични. Велат никој не може да гарантира дека по истекот на 20-те недели мајчинско отсуство, врз родилките нема да се врши притисок да се вратат на работа. Од Сојузот на синдикати велат, законот не е за фалење. Нејасно било и дали ќе врши дискриминација на таткото како родител, бидејќи се преговарало тој да не зема цела плата додека е дома.

„Не треба да се остави простор за произволно толкување и злоупотреби. Притисокот кој би се вршел врз мајките по истекот на овие 5 месеци е сериозен предизвик. Исто така се поставува прашањето дали таткото би можел да земе отсуство во приватниот сектор. Според она што досега го слушнавме, за мајката би се плаќало 100% 9 месеци ако воопшто ги искористи, а за таткото може со некој правилник да се определи помал процент“ – вели Слободан Трендафилов од ССМ.

Главното прашање што ги мачи идните родители е дали отсуството ќе се плаќа 100%. Стравуваат дека со најобичен Правилник, исплатата може значително да се намали, а жените да се дестимулираат да раѓаат. За Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ дискутабилно е дали ќе се плаќа и отсуството на трудниците кога ќе одат на преднатални прегледи, а критикува и дека повторно нема заштита за бремените жени кои се пријавени на определено време. Токму оваа категорија секогаш е прва на удар и овие работнички речиси секогаш добиваат отказ по истекот на договорот, нормално, откако газдата ќе дознае за бременоста. Ампева смета дека повторно Законот ќе функционира исклучиво за административците, но не и за стотиците илјади вработени во приватниот сектор.

„Дали ќе се наметне на приватниот сектор почитување на овие отсуства? Дали ќе се спречи намалување на плати и откази или повторно ќе има поволности само за вработените во јавниот сектор? Овде е малку проблематично. Вие не можете да му налагате, да му се мешате во економската работа на приватниот сектор. Затоа велам, државата ако е подготвена и ако сака да ги даде овие отсуства нека ги даде преку државниот буџет. Мислам дека доволно плаќаме“ – вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

Во последниве неколку години, не беше прифатена иницијативата за породилно отсуство од 18 месеци. Последниот предлог на синдикатите беше Фондот за здравство да плаќа 12 месеци 100% плата. Се уште не се знае ниту од кога ќе почне да важи новиот владин предлог за кој ќе се дискутира со засегнатите страни и дали воопшто ќе претрпи измени. Ампева додава дека за разлика од кај нас, во Бугарија се случува своевиден бејби бум поради добрите демографски политики. Во Србија која исто така мака мачи со иселувањето и слабиот наталитет, породилното отсуство ќе се зголеми од 12 на 15 месеци. Во земјава не може да се одржи ниту проста репродукција, природниот прираст со години е во минус, се уште е високо нивото на мртвородени и умрени доенчиња, а од лани се укинати бесплатните прегледи и породување за жените кои немаат здравствено осигурување.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста