ДЗСИ ја потврди интрахоспиталната инфекција во прилепската Болница, изолирана е бактеријата „стафилококас епидермидис“

     ДЗСИ денеска и официјално ја потврди интрахоспиталната инфекција во прилепската Болница, откако вчера Алфа го обелодени скандалот за од сепса починатата 52–годишна пациентка и затворањето на операционите сали во Болницата. Во соопштението од МЗ стои дека станувало збор за присуство на бактеријата „Стафилококас епидермидис“. Но, дали оваа иста бактерија е причина и за смртта на жената, засега не е потврдено, бидејќи се чекаат резултатите од обдукцијата на телото на починатата. Во меѓувреме, конечно одговор пристигна и од Инфективната клиника во Скопје. Оттаму велат дека кај нив не биле пријавени пациенти со септична состојба од прилепската Болница, освен еден кој бил суспектен за сепса.

„Пациентот е примен на нашата Клиника на 6.02.2023 кој првпат бил опериран во 2018, а додека на 3.02.2023 во Одделението за ортопедија во Болницата во Прилеп му е вршена втора операција. По добиените резултати од анализите, СЕПСА се исклучува како дијагноза кај овој пациент. Додека  пациентката со постинтервенција е префрлена во ГАК за ревизија и за неа немаме дополнителни информации околу развојот на болеста“, стои во одговорот од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, а на кој чекавме неколку дена.

   Појавата на интрахоспиталната инфекција во прилепската Болница и нејзиното откривање ја крена на нозе целата македонска јавност, особено вознемирувајќи ги граѓаните кои се лекуваат во неа. Тие, бурно реагирајќи на социјалните мрежи укажуваат, секој со своето искуство, дека во Болницата хигиената никогаш и не била на потребното ниво.

  „Не е прв пат, пред повеќе години од сепса после успешна операција на Ортопедија, почина наш близок, и никому не му фали влакно од главата. Никаква одговорност од никого немаше“, „Сличен ваков случај се случи и минатото лето, лекарот ја испушта оперираната пациентка со темепретаура и и вели дека тоа било нормално, а во меѓувреме раната исе отвора и и вадат 2 литри гној од неа и ткивото почнува да скапува. Беше јавна тајна дека пациентката имаше „мрса“. Само Господ ја спаси, оти лекарот си замина на годишен одмор“, се само дел од лавината коментари на социјалните мрежи.

  Инаку, според последните информации кои ги добивме, денеска во Болницата се чисти и дезинфицира секаде, по ходниците, собите, тоалетите, и тоа со стражарско ограничување на слободното движење и на вработените, и на пациентите. Нашите извори велат дека освен сомнежите дека во болницата ја има и ретката бактерија „serratia“, тие имале сознанија дека во Болницата се појавила и „мрса“, иако таа бактерија не била реткост при интрахоспиталните инфекции, но секако дека и таа укажувала на недоволната хигиена, велат тие.

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста