Денеска се слави големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица

Православната Црква денеска, 28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.

Според црковното предание, Богородица го завршува својот живот тивко и мирно без никакви болести и страдања и по смртта на нејзиниот син Господ Исус Христос, таа честопати се молела заедно со апостолите Господ Бог да ја земе нејзината душа и да ја пресели на небото. Доживеала длабока старост. За време на една молитва во Леонската Гора, светиот Архангел Гаврил и’ се јавил и и’ рекол дека за три дни ќе се пресели од овоземниот во небесниот живот. Таа му ја кажала веста на свети апостол Јован, кој, пак, требало да се грижи за неа до крајот на нејзиниот живот. Свети апостол Јован ја објавил веста, која бргу се проширила и сите доаѓале кај Пресвета Богородица да и’ оддадат почит додека се’ уште е жива. Сево ова се случувало во куќата на светиот апостол Јован каде што Богородица му ја предала својата душа на Господ Исус Христос. Била опкружена со голем број ангели и архангели. Се создал шум и голем облак, а пристигнале сите апостоли да и’ оддадат чест. Меѓу нив не бил само светиот апостол Тома, по божја промисла. Тој бил далеку од другите апостоли, бидејќи го проповедал христијанството. Богородица првин легнала на одарот и во тоа време во целосна светлина дошол Господ Исус Христос, а таа станала и рекла: „Душата моја го велича Господа и духот мој се зарадува во него“. Веднаш потоа повторно легнала и заспала.

Кога Пресвета Богородица им се јавила на присутните во својот гроб, во нејзина целосна слава и величина, тогаш тие поверувале дека таа од ангелите божји е воздигната од земјата на небото во придружба на голем ангели и архангели, серафими, херувими и светители. Тоа е преминот од земното кон небесното царство, односно од земниот кон вечниот живот.

На иконите, овој празник обично се претставува со иконата со креветот на кој лежи Богородица со рацете вкрстени на градите. На обете страни на креветот се наоѓаат свеќници со запалени свеќи. Кај нозете на Пресвета Богородица Св. Петар поткадува со кандило, а над главата се Св. Апостол Павле и Св. Јован Апостол со главата, додека останатите апостоли стојат наоколу. Над Богородица е Христос кој ја држи душата на Богородица во форма на дете, опкружена со светлина и ангели.

Бидејќи на празникот му претходи двонеделен пост, на 28 август жените одат на причест, затоа што овој ден се смета како празник за сите жени и мајки.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста