Декларацијата на МНР лоша за Македонија: Сами си го рушиме статусот на македонскиот јазик

Македонија со своја декларација сама си ги руши позициите и статусот на македонскиот јазик. Објавената еднострана изјава на МНР, предизвика бура реакции кај македонистите, пред се професорите од Институтот за македонски јазик. Груб фалсификат на лингвистичките факти е пишаното дека македонскиот јазик е јазик на територијата на Македонија, вели за Алфа универзитетската професорска Александра Ѓуркова. Потенцира дека неговите дијалекти се простираат и надвор од границите на државата, нешто од што Македонија се откажува со оваа еднострана изјава.   

-Првата работа за која што треба да се укаже е тоа дека посоченото во врска со тоа дека континуитетот на македонскиот јазик според напишаното во оваа изјава, дека тој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешната македонска држава. Сметам дека тоа е едно грубо фалсификување на лингвистичките факти, изјави Ѓуркова.

Според професорката Елка Јачева Улчар, декларацијата е содржински катастрофална и оди на рака на Бугарија.

а) Зашто историјата на македонскиот јазик не започнува од 1945 година, туку уште со Моравската мисија за чии цели бил создаден старословенскиот јазик врз македонски говори од околината Солун.;

б) Дијалектното просториње на македонскиот јазик оди и преку државните граници на Република Македонија (во Пиринска и  Егејска Македонија, како и во пограничјето со Албанија и Косово), пишува Елка Јачева Улчар.

Според Јачева Улчар проблематичен е и начинот на кој е напишана самата еднострана изјава.

-Не знам кој го пишувал текстов, но прво е неписмено напишан (не е лекториран). Само неколку примери што ми паднаа в очи:  на стандарден македонски јазик не се вели „согласно сознанијата“, туку „во согласност со сознанијата/согласно со“, не се вели „било какви“ туку „какви било, пишува Јачева Улчар.

За текстот на овој документ реагираше и академик Катица Ќулафкова, вели дека македонските власти се откажале од нешто за што никој воопшто нема право да се откаже.

-Со унилатералната изјава на Македонија, всушност, се откажуваме од историскиот и научен факт дека македонските говори од егејска Македонија, денешна Грција, се основа на старословенскиот и црковнословенскиот јазик од кирилометодиевската епоха на нивната кодификација. Просторно-временскиот континуум на македонскиот јазик значи негово постоење вон просторот на денешната држава Македонија и вон современото време, пишува Ќулафкова.

Македонија оваа своја еднострана изјава ја објави, откако Бугарите претходно објавија декларација во која јасно ни кажуваат дека за нив македонски јазик не постои и ни под разно не можат да го прифатат.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста