Дежурниот лекар од битолската болница и пред две години бил кривично гонет

      Гинекологот кој прв ја примил младата мајка и без никаква болничка евиденција ја пуштил дома, и пред две години бил кривично гонет ?! Според информациите до кои дојде Алфа, станува збор за младиот гинеколог кој во јануари пред две години, незаконски и’ дозволил на својата сопруга, инаку и негова колешка, во болничката операциона сала да изврши породување со „царски рез“ и покрај тоа што сопругата била државјанка на Србија, не била вработена во Болницата, а немала ниту лиценца за работа. Операцијата кај родилката поминала успешно, па нејзиното семејство не го пријавило случајот. Но за скандалот, проговорија другите колеги – гинеколози, кои во таа критична новогодишна ноќ, кога се родиле дури 8 бебиња во Болницата, биле на работа. По ова, МВР тогаш поднесе кривични пријави против двајца вработени гинеколози, помеѓу кои и дежурниот лекар, кој сега пак, е „казнет“ со прекршочна мерка од страна ДСЗИ затоа што при последниот трагичен случај „во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо, а нема евидентирано ни анамнеза и статус на пациентката од страна на дежурниот лекар М.В. кој го извршил приемот“.

   Во 2021 година, кривична пријава имаше и за сопругата на младиот лекар, која се товареше за „Надрилекарство“, а додека двајцата вработени гинеколози, кои тоа и’ го овозможиле, вклучително и нејзиниот сопруг, се товареа за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Фалсификување службена исправа“.

     „Двајцата гинеколози, пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле на третопријавената без соодветна лиценца за работа од Лекарска комора, да даде медицинска помош, изврши оперативна интервенција – породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола. По завршувањето на интервенцијата,  првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник  отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година“, беше нотирано во соопштението од МВР, во февруари 2021 година.

   По ова, двајцата вработени гинеколози беа и времено суспендирани од работа, а беше поведена и дисциплинска постапка за направен дисциплински престап. Вториот гинеколог кој беше инволвиран во овој скандал, и кој тогаш се изјасни дека не чувствува вина, беше поранешен заменик – министер за здравство и советник во Кабинетот на Заев.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста