Дали државниот врв и даде „гориво“ на Бугарија? – Се закануваат со ново вето поради претепувањето на охриѓанецот Пендиков

Влошување на македонско-бугарските односи и најава за вето – може ли Бугарија повторно да го блокира евроинтегративниот пат на Македонија и покрај се што направивме. Ова може да се насети по изјавата на првиот бугарски дипломат. Николај Милков од софискиот аеродром каде го чекаше владиниот авион со охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб, кој бил физички нападнат во кафеана во Охрид ни порача: „Зелено светло за Македонија ќе има, кога ќе го променат однесувањето“.

Позицијата на Бугарија во однос на интеграцијата на Северна Македонија е јасна од самиот почеток. Тоа се критериуми кои мора да се исполнат и без нивно исполнување не можеме да кажеме да. Не е потребна промена. Кога ќе го променат однесувањето, тогаш ќе дадеме зелено светло за нивна интеграција. Во моментов тоа очигледно не е можно, имам чувство дека работите ќе ескалираат и покрај напорите што се прават да се смири ситуацијата. Ова не е само бугарската позиција, туку и европската. Овие критериуми се утврдени во документите усвоени од ЕУ, од сите земји-членки, од нашиот парламент и од парламентот во Македонија – изјави Милков.

Речиси цел државен врв го осуди нападот врз Христијан Пендиков без да имаат конкретни детали дали се работело за антибугарско насилство или испровоцирана тепачка во кафеана. Министерот за надворешни работи Бујар Османи не само што ја осуди тепачката туку и предвреме и даде етнички или национален предзнак. Тој утре ќе оди во Бугарија и заедно со бугарскиот колега ќе го посетат Пендиков.

Синоќа пак Јавното обвинителство побара притвор за 24 годишен охриѓанец,  осомничен за кривично дело – Тешка телесна повреда.

Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – “не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил – стои во соопштението на ОЈО.

Наспроти информациите на Обвинителството, сведоци на настанот коментирале дека тепачката немала никаква политичка заднина, и се работело за стари недоразбирања меѓу учесниците во инцидентот. Сведоците тврдат дека откако тројцата охриѓани влегле во кафеаната во која веќе бил Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб веднаш почнал да ги навредува по што почнала вербална расправија, која потоа продолжила со физичка пресметка пред кафеаната.

Настанот остро го осуди и претседателот на Бугарија Румен Радев кој смета дека нападот врз Пендиков бил резултат на систематските кршења на правата на Бугарите, и дека декларираните амбиции на Македонија за членство во ЕУ, се разидувале со реалноста во која живееле Бугарите во земјава.

Реагираше и Слави Трифонов од партијата Има таков народ, „пратениците кои гласале да падне ветото биле соучесници во тепањето на Христијан.

Денеска пред претставништвото на Европската комисија во Софија се одржа протест за одбрана на правата на Бугарите во Македонија каде најбројни беа симпатизери и претставници на политичката партија ВМРО-БНД. Протестот го најави бугарскиот претставник во Европскиот парламент и потпретседател на партијата, Ангел Џамбаски, кој во писмо до претседателската на ЕК, побара итен прекин на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста