Грчкиот суд пресече: Центарот за македонски јазик во Грција конечно може да заживее

Центарот за македонски јазик во Грција конечно може да заживее, надминати се административните пречки. Грчкиот суд ги укина сите жалби кои дојдоа по отворањето на овој центар, прв ваков кај јужниот сосед. Македонскиот активист од Егејот, Стилиос Самарцис упати благодарност до грчкиот правосуден систем за оваа одлука, велејќи дека во иднина правата на Македонците треба уште повеќе да се унапредуваат. 

-Грчкиот суд ги укина сите тужби кои беа против Центарот за македонски јазик. Тоа беше пријатно изненадување од грчкиот правен систем. Во иднина чекаме отворање на приватни македонски училишта  но и македонскиот јазик да биде дел од образовниот систем во Егејска Македонија и новите генерации да го учат македонскиот јазик, напиша Самарцис.

Дека Центарот за македонски јазник не смее да биде проблем за Грција и не смее да биде забранет, претходно порачаа од Обединета македонска дијаспора. Во изјава за Алфа, директорот на ОМД за Македонија и Европа Гордан Јорданов, кажа дека вакво здружение ни по еден основ не смее да се поврзува со некакво мекедонско малцинство во Грција, како што се обидуваше тоа да го претстави дел од грчката страна. Според Јорданов овој центар е како и секој друг центар на секој друг странски јазик во било која држава.

-Грција и Македонија како држава мора да направат дистинкција на тоа центар што значи македонски јазик и зборење за правата на малцинствата во Република Грција. Овој центар за македонски јазик мора да се знае дека е како секој друг центар за странски јазик и исто така како што ги има во нашата држава. Така да овој центар не претставува никаква закана спрема грчката Република, изјави Јорданов за Алфа на 13 јануари годинава.

На крајот на минатата година македонскиот јазик беше причина за протест и контра протест во Лерин. На улица излегоа Грците од Златна Зора, незадоволни од отворањето на Центарот за македонски јазик. Го изразија својот револт со порака дека ја бранеле нивната Македонија.

Полицијата тогаш ги спречи претставниците на Златна Зора да отидат на главниот плоштад во Лерин, со што беше избегнат можен инцидент. А гневни од потезите на Златна Зора на протест излегоа и Македонци и од Грција.

По отворањето на овој центар во Грција се крена паника. Според окружната обвинителка Анастасија Калаици, која поднесе жалба, центарот преставувал обид за создавање македонско малцинство.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста