Грците реагираат на најавата дека Македонија би можела да набави од турските безпилотни летала „Бајрактар“

Турските убиствени безпилотни летала „Бајрактар„ може да ги нарушат односите меѓу Скопје и Атина. Грчките медиуми објавуваат дека Македонија за свои потреби планирала да набави неколку од овие борбени беспилотни летала од Република Турција, со што таа би се приклучила кон таканаречениот „Турскиот воен клуб“. Ваквата набавка преставува проблем за Грција, затоа што односите со Анката и се лоши поради Кипарското прашање, и двете страни често се во трка низ светот кој ќе добие повеќе сојузници на своја страна.

За набавката медиумите се повикуваат на неодамнешното интервју на претседателот Пендаровски, за турската медиумска агенција Анадолу, каде најави поголема воена соработка со Турција во периодот кој следи, велејќи дека „нелегалната руска инвазија на Украина само ја прави целата работа поитна“. Алфа се обрати до кабинетот на Претседателот, од каде не дадоа прецизен одговор околу можната набавка.

  • „Се разгледува можноста за набавка на воена опрема од Туркије, како една од НАТО земјите-членки со кои Северна Македонија е во комуникација за опремување и модернизација на Армијата.“ – велат од кабинетот на Пендаровски.

Од министерството за одбрана пак демантираат дека има план македонската армија да се опреми со „Бајрактари„ . Оттаму велат декаа согласно постоечките планови за опремување и модернизација на Армијата, не е предвидена набавка на опрема од ваков тип на овој модел.

  • „Армијата прави анализи и проценки бидејќи евентуална набавка на вакви системи ќе има влијание на структурата на силите, логистички побарувања, финансиски ресурси и колку тоа е во склоп на потребите и согласно потребите на НАТО целите на способности.“ – Велат од министерството за одбрана.

Оттаму додаваат дека доколку се одлучи за таков проект, истовремено ќе мора да се направи и проценка колку тој ќе има влијание врз проектираните модернизациски проекти кои се веќе отпочнати.

Инаку, турските борени дронови се продаваат „како алва“ , откако се покажаа како клучни во судирите помеѓу Азербејџан и Ерменија, а сега и во руско-украинската војна. Тие се извезуваат во 30тина земји од светот.

Полска лани беше првата земја членка на ЕУ која ги набави леталата, на балканот први ги увезе албанската армија, а и Србија ја потврди намерата да ги опреми своети борбени капацитети со оваа технологија. Покрај најавата за набавка на беспилотни летала за армијата, Турските медиуми објавија дека Македонија од Турција неодамна порачала и три батерии со вкупно 18 хаубици од моделот „Боран“, кои според прозиводителот имаат дострел до 17 километри со брзина до шест проектили во минута. Како НАТО членка Македонија има обврска за одбраната да одвојува по 2% од бруто-домашниот прозивод. И покрај најавите, Македонија се уште не го има достигнато ова барање на алијансата.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста