Груби молчи, Ахмети го брани – по писмото, аналитичарите предупредуваат дека е време за промени во ДУИ

Првиот вицепремиер молчи за петицијата враќање на единството во партијата која ја потпишаа 20 членови на ДУИ. Се појави на настан во Гостивар заедно со лидерот на партијата, но изјава не даде. Одговор во завиена форма и од Али Ахмети. На прашањето дали изборот на партиски кадри станал привилегија на Артан Груби, Ахмети кажа дека партијата можела без секого, па и без членовите кои се потпишаа на писмото. И покрај намерата да се покаже единство, на овој настан не присуствуваше ниту еден од 20-те потписници на петицијата.   

„Отсекогаш имало незадоволство, секогаш имало дебати, а пред се ова е вредност на која настојувам 20 години по ред, работите да се кажат отворено. Мнозинството на ДУИ што не е анархија сака ред, сака мирна и научна дебата. И за оваа дебатата е отворена, институциите се сите функционални и ќе работиме и постапуваме според дефинираните агенди“, рече Али Ахмети, лидер на ДУИ.

Според дел од политичките аналитичари, крајно време е меѓу интегративците да се измешаат картите, бидејќи ДУИ од партија се претворила во фирма со директори и заменици директори, олицетворени во Артан Груби, кој потајно сакал да го замени Али Ахмети.

Во ДУИ крајно време е да се измешаат картите, со текот на времето се создаваат ликови, кои мислат дека без нив не се може ништо. ДУИ прерасна во една фирма во која се назначија директори олицетворени во Артан Груби, кој сака да биде Али. Мислам дека ќе има некакви промени и нешто ќе биде преземено и мислам дека генерално сцената на албанскиот политички кампус мора да претрпи промени. Ќе мора да има еден преесврт во делувањето и дејствувањето и правецот во кој се движи политиката на Албанците во Македонија – изјави аналитичарот Агим Јонуз.

Меѓу потписниците се и Изет Меџити, Висар Ганиум, Блерим Бечети, Муса Џафери – луѓе кои имале високи функции во државните институции.  Сепак, според аналитичарот, Џенур Исени, се работи за истрошени ликови, кои бараат втора шанса а не знаат што значи зборот одговорност. Сепак, вели Исени, оправдан е и нивниот револт, бидејќи Груби се однесувал како Сулејман Величествениот.

Лошо е што некои од луѓето кои се потпишале на ова писмо се луѓе кои не знаат што значи одговорност. Сепак, Груби се однесува како Сулејман Величествениот. Ова што го прави Груби и оваа ситуација во ДУИ покажува дека онаму каде што луѓето се алчни за лично богатство и заради тоа доаѓаат на високи позиции, е тешко да се има добра партија, добра Влада. Ова е внатрешна борба за тоа кој ќе ги води конците и оваа војна ќе резултира со тоа да се изгубат себе си – вели аналитичарот Џенур Исени.

Членството кое се потпишаа на писмото, смета дека во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување станало индивидуална сопственост, немало дебата и консултација со партиските бази, а кадровските избори се претвориле во привилегија на поединецот Артан Груби.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста