Грковска не ја добила претставката од ДКСК дека Груби ги користел службените простории како штаб на ДУИ

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска се уште не ја добила претставката од Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со доказите кои антикорупционерите кажаа дека ги поседуваат оти првиот вицепремиерот Артан Груби ги користел службените простории на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за партиски цели.

Таа вели дека откако ќе ја добие, по неа ќе постапела непристрасно и врз основа на аргументи.

„Се уште не сум ја добила претставката. Штом ќе ја добиеме ќе постапиме исто како и по сите претставки досега, ќе одлучиме врз основа на аргументите. Знаете дека досега сме постапувале непристрасно, без разлика за кого станува збор“, рече Грковска.

Што ќе преземе, никој не знае. На последната одржана седница на Антикорупциската комисија на 5 мај, претседателката Билјана Ивановска кажа дека до нив се доставени докази оти првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби ги користел службените простории на ова министерство за партиски цели. До ДКСК, како што кажа тогаш Ивановска, стигнале фотографии и линкови од фејсбук-профилот на Демократската унија за интеграција од кои се гледа дека во министерството се одржувале средби на нивниот партиски лидер со претставници од странство.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста