Грејната сезона почна, но не секаде, Скопјани се израдуваа на само 3 часа топли радијатори

Најголем дел од Скопјани денеска добија парно греење, но само 3 часа. Топлинската енергија била исклучена по 9 часот, бидејќи потребната температура од 12 степени била достигната – вели првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски. Дел од граѓаните од населбите Железара, Кисела Вода и Карпош утринава се пожалија дека немале греење или на млаки радијатори. 85 згради во главниот град останаа незатоплени – потврдуваат од ЕСМ. Директорот Ковачевски вели дека станарите самите биле виновни – или немале струја во потстаниците или пак не ги направиле потребните подготовки навреме.

„Не е точно дека има повеќе граѓани, бидејќи ќе имаше реакции од граѓаните. Можно е самата станбена заедница да не била доволно подготвена да ја прими топлинската енергија во делот на топлинските пумпи, во делот на потстаниците, во делот на електричната енергија и во делот на поправка на системот. Значи ако во радијаторите претходно постоел воздух, оној воздух којшто треба да се испушти, не може топлината да го истисне воздухот. Значи самите заедници, самите граѓани мора да се подготват за да ја примат топлинската енергија“ – вели Васко Ковачевски – директор на АД ЕСМ.

ЕСМ засега обезбеди гас за работа на скопските топлани за само две седмици, односно до први ноември. Со приватникот ТЕ-ТО се уште нема договор и неизвесно е дали и кога ќе се вклучи во системот на топлинска енергија. Ковачевски вели дека поради нестабилните цени на гасот на светскиот пазар ќе набавуваат месец за месец, а истовремено преговарале за купување гас за до крајот на грејната сезона.

„Да направиме кратки интервали на набавка на природен гас, затоа што цените на гасот на берзите и фиксните цени што се даваатсе во опаѓачки тренд. Имаат надолна линија и тоа значи дека ние после 20-ти, 25-ти октомври ќе се обидеме да набавиме енергенси за ноември месец, но исто така сме во разговори да набавиме 6-месечна испорака на природен гас со фиксна цена која ќе биде пониска од сегашната“ – рече Васко Ковачевски – директор на АД ЕСМ.

„Цената по која ние сме го набавиле природниот гас за овие две недели е повисока од она што го имаме сега како понуда за месец ноември“ – вели Крешник Бектеши – министер за економија.

Ако на светскиот пазар нема гас или не може да се купи по поволни цени, топланите во Скопје ќе работат на дизел кој во моментов е прескап. Ковачевски се одлучил за таа опција бидејќи мазутот многу загадувал. Инаку 500 потрошувачи приклучени на Скопје Север исто така немаат парно, бидејќи компанијата во стечај има неподмирени долгови кон ЕСМ и од таму нема иницијатива да се најде начин да работи зимава. И покрај тоа што се растрчаа во „5 до 12“ да бараат ефтин гас, сега надлежните уверуваат дека Македонија не зависи од околните држави и дека парно греење ќе има во текот на цела грејна сезона.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста