Грешките во учебникот по историја и општество за авторите биле од техничка природа

Авторите на новите учебници во основно училиште како без компас – по скандалозните грешки може да се процени дека на дел од нив не им оди со страните на светот, планините, знамињата. Последните лапсуси беа забележани во учебникот по историја и општество каде пишува дека Македонија на запад граничи со Бугарија.

Македонија зафаќа површина од 25.713 км2 На исток нашата земја се граничи со Република Албанија, на север со Република Косово и Република Србија, на запад со Република Бугарија и на југ со Република Грција – пишува во учебникот.

На авторите не им оди ниту со планинските врвови. Па така, во истиот учебник пишува дека врвот Монт Еверест е висок 29 километри, иако највисоката точка на земјата е околу 8.800 метри. Ја згрешиле и најниската точка на светот која е 400 метри под морското ниво.

Азија има највисоки и најниски точки на Земјата. Монт Еверест е највисокаж точка на Земјата на 29.035 метри надморска височина. Најниска точка е Мртвото Море, кое е повеќе од 1.400 метри под морското ниво – пишува во учебникот.

Според Драгана Спасевска, претставник на здружението Настава и учебници мора да има, формирано непосредно по најавите за дигитализација, за овие случувања крајно време е да се понесе одговорност.

Во меѓувреме се огласија и авторите на учебникот во фејсбук групата Петто одделение 2022/2023. Жалеле што грешките не биле забележани и покрај тоа што учебниците ги поминале сите филтри кои се законски предвидени. Тие тврдат дека немале прилика да го предледаат учебникот пред печатење па така не ги забележале овие, според нив, „технички грешки“

СЛИКА  ЈАВНО ОБРАЌАЊЕ ОД АВТОРКИТЕ НА УЧЕБНИКОТ ИСТОРИЈА И ОПШТЕСТВО ЗА ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ

Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот кој е тема на дискусија е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба, уште во мај годинава. Сите сугестии кои беа од техничка природа, се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија. Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење. Можеби ќе забележавме дека пишува дека наместо V век, пишува V век пр.н.е; дека при обработка и едитирање на текстот останала грешка за местоположбата на нашите соседи од исток и запад или за мерните единици – пишува во соопштението.

Грешки имаше и во учебникот по географија за осмо одделение. Португалија си доби ново знаме. На почетокот на лекцијата во која се опишува оваа држава, наместо португалското, стои шпанското знаме.

Поразително за македонското образование во целина е тоа што учениците со месеци учеа од импровицирани материјали бидејќи првото тромесечје помина без учебници. Како што се ближи крајот на првото полугодие, учениците добија книги но не сите, и со еден куп грешки.  Дали и колку грешки има во другите МОН допрва ќе проверува.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста