Граѓаните се жалат дека цените се зголемуваат, а производите губат квалитет

Власта опстои на ставот цените на прехранбените производи да се одмрзнат и покрај предупредувањата дека за такво нешто се уште не е време. Сликата на терен тоа и го потврдува, а цехот како по обичај не го плаќаат функционерите, туку граѓаните.

Ништо од очекувањата дека ќе се намалат цените во маркетите. Напротив, откако Власта ги одмрзна, дел од производите веќе и делумно поскапеа. Алфа направи обиколка во неколку супермаркети и можеше да се види дека цените на дел од овошјето и зеленчукот и натаму се речиси исти, но и со мали нагорни корекции. Ако краставиците и пиперките се продаваа по околу 95 денари за килограм, сега одат за околу 100, слична е и цената кај морковите, а грав и натаму нема ни за лек, освен на пазар каде се продава и до три пати поскапо и надминува 300 денари за килограм. Цената на лебот за сега е непроменета и останува иста како и претходно.

Граѓаните реагираат и бараат конкретни решенија кои видливо ќе го подобрат животниот стандард.

Дополнителен проблемн според граѓаните е и квалитетот на она што се продацва. Реагираат дека многу често овошјето и зеленчукот го немаат висистинскиот вкус, туку мирисаат на пластика.

И додека граѓаните се во грч од евентуално ново поскапување на цените, од ВМРО-ДПМНЕ бараат од Владата да ги продолжи замрзнатите цени на основните производи. Од таму додаваат дека ценовниот шок на граѓаните трае веќе подолго време, а цените на производите, како што велат, заминале до „таван“.

  • Високите цени, значат високи даноци, а високите даноци значи полнење на буџетот, кој потоа се троши за местени тендери, сомнителни зделки и лични бенефити на функционерите на ДУИ и СДС. Но ако веќе замрзнатите цени на основните производи значеа какво такво помало гајле за народот, тогаш оваа мерка треба да биде продолжена. Не може владата да пролонгира кризи, а да укинува антикризни мерки кога се работи за интересот на граѓаните. Не може народот од свој џеб да ги плаќа грешките и криминалите на власта, порачаа од опозициската партија.

Од Владата веќе кажаа дека не се планираат дополнителни мерки и најавија контроли ако се јави вештачко зголемување на цените.

Од овој месец, Владата ја укината одлуката за замрзнување на цените на артиклите. Со оваа одлука се стопираше енормното зголемување на цените на лебот, брашното, маслото, јајцата, оризот, млеко и млечни производи.

Инаку, од Народната банка прогнозираат дека инфлацијата годинава ќе забави и ќе биде едноцифрена, односно ќе падне под 9%, но и натаму ќе остане висока.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста