Граѓаните купија „изгор“ скапи дрва – Владата задоцнето ја замрзна маржата

И греењето на дрва станува луксуз поради новите поголеми цени. Алфа направи обиколка на дрварите низ скопско. Велат, секоја набавка на огревно дрво е се понеизвесна, додека пак цените се менуваат на дневна основа. Кубик дабово дрво достигнува и до 4800 денари и истата може да е и поголема поради дополнителните давачки за сеча и достава.

Граѓаните во неизвесност како ќе ги затоплат домовите за престојната грејна сезона. Предупредувањата за евентуални рестрикции на електрична енергија ги натераа да бараат алтернатива во огревното дрво. Но, велат, и кога би можеле да платат, тешко се наоѓа, па купуваат помалку од реалните потреби за да ја пребродат зимата.

Владата одлучи да го решава проблемот откако цената на огревното дрво веќе ги урна сите рекорди. Па, со задоцнување утврдија трговска маржа во висина најмногу до 10%, што ќе важи за трговија на мало. Но, не ја пресметаа и цената на транспортот во неа, што според дрварите, е главниот причинител за новите повисоки цени. Инаку, со качувањето на цената на дрвото се зголеми, и тоа за речиси двојно и цената на пелетите, од 180 на 350 денари.

Дрварите велат, секогаш кога зборувале пред камера, подлежеле на ригорозни инспекции. Па зад нашата камера ни кажаа дека во најголем дел, цената на огревното дрво се должи на превозот, цените на горивата и работната рака која е поскапена за 100%

Се чини дека на граѓаните не им е потребно од Владата да им кажат дека не очекува тешка зима.
Превисоката цена на кубик огревно дрво направи многумина да се снабдат и предвреме, од страв уште да не скокне. Па се поставува прашањето дали е вистинско време и ќе има вистински ефект – сега ограничената маржа.

До неодамна, огревното дрво достигнуваше цена до 4600 денари. Додека пак сега, разликата е дури и за неколку стотина денари поскапа.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста