Град Скопје за првпат не ги објави добитниците на наградата „13 Ноември“

Град Скопје за првпат не ги објави добитниците на највисоката градска наградата „13 Ноември“. Признание кое се доделува по повод Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, а ја врачува градоначалникот на градот. Досега единствената информација позната за јавноста е само дека настанот ќе се оддржи во македонската опера и балет. Досегашна пракса беше добитниците на наградата да бидат објавени на почетокот од Ноември.

Одбележувањето на денешниот празник беше проследено и со други низа нејаснотии. Од градот Скопје годинава нема никакава објава или покана за прославување на 78 години од ослободувањето од фашизмот. За тоа, каде и дали воопшто Арсовска ќе постави венец, медиумите дознаа откако таа се појави пред споменикот на паднатите борци.

За организацијата се пожалија и градоначалниците на скопските општини, кои не биле поканети за да го одбележат ослободувањето на градот.

„За жал оваа година за прв пат после долги години, општина Гази Баба нема да има своја делегација на одбележувањето на денот на ослободувањето на Скопје, бидејќи не добивме покана од градот Скопје.“ – Напиша градоначалникот Стефковски на Фејсбук.

Ова не е првпат Арсовска да не ги проследи традиционалните манифестации по повод „13 Ноември“. Иако секоја година градоначалникот е оној кој ги доделува наградите на свечената манифестација, минатата година градоначалничката воопшто не се ни појави, па тоа мораа да го направат од жири комисијата. Тоа беше прв пат градоначалникот на Скопје да не ги врачи наградите.

Инаку, наградата „13 Ноември“ на Градот Скопје се доделува на физички и на правни лица како знак на признание на Градот за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Македонија и во светот.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста