Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ на отчет на првиот политички саем

„Година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови и реализирани проекти во вредност од 120 милиони евра“ – градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се пофалија со сработеното во првата година од нивниот мандат. Лидерот на опозициската партија на денешниот Саем на промените кои носат иднина изрази задоволство од проектите кои ги реализирале градоначалниците, и покрај, како што кажа, сите опструкции од страна на централната власт.

Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме. И сево ова постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централната власт, во еден, би рекол не само ладен, туку отворен непријателски однос на владата кон општините кои се соочуваат со катадневни опструкции, кратења на фондови – изјави Мицкоски.

Првите луѓе на скопските општини од таборот на ВМРО-ДПМНЕ децидни – промените се случуваат не само со проектите и инвестициите туку и со поголемата транспарентност која ја сменила сликата на локалните самоуправи.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски посочи и дека „во општината владеел урбанистички хаос“. Оттука една од работите со кои почнавле, кажа Муцунски, било бришењето на маркици и на една таква локација ќе започнеле со изградба на парк од 6 илјади метри квадратни во Реонски центар.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски истакна дека општина Кисела Вода ја затекнал во хаотична состојба и администрација која што била целосно индиферентна на барањата на граѓаните.

Проектите на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ главно се однесуваат на патната инфраструктура, обрзованието, реконструкција на училишта и инвестиции во водоводни и канализациони мрежи.

Саемот продолжува и утре, кога отчет ќе дадат и градоначалниците на општините од внатрешноста.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста