Го втераа во ќош, па сега се пишмани – министерот за финансии попушти за можно зголемување на платите во јавниот сектор

Го втераа во ќош, па сега се премислува. Под присисок на синдикатите и јавноста, министерот Фатмир Бесими попушти – можно е зголемување на платите во администрацијата, но прво морало да се изработи нова методологија. За него предлогот на синдикатите просечната плата да се искористи како основица за пресметки на платите во јавниот сектор е прифатлив. Инаку зголемените плати на административците ќе значат и зголемени плати на функционерите.

Под силен притисок на јавноста и синдикатите министерот за финансии Фатмир Бесими се пишмани. Иако пред два дена на брифинг со новинарите беше дециден дека сега не било време за зголемување на платите за работниците, бидејќи ќе се зголемел дефицитот во буџетот, денеска вели дека такво нешто не кажал и дека е можно да има некакво зголемување, но сега се работело на методологија за усогласување на платите за администрацијата.

  • За примена на новото решение јас никогаш не сум кажал дека ќе се применува од следната година и јас се залагам за тоа што побргу да се донесе методологијата и да има раст на платите. Ги демантираше гласините за замрзнување на платите. Новото решение треба да понуди достоинствени плати за државната администрација и да не дозволи да се случи одливот на кадар што му се случил на Министерството за финансии каде што платите интервентно биле зголемени за да се задржат вработените, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

За разлика од оваа изјава, пред само два дена Бесими на прашањето дали и административците ќе добијат зголемување, како што добија тој, неговите колеги министри, премиерот и претседателот, рече дека сега не било најповолно време за усогласување и зголемување и на платите во јавниот сектор, поради инфлацијата.

  • Не сум многу омилен министер кај синдикатите, затоа што велам дека не може да се покачат платите во јавниот сектор ако нема зголемување на продуктивноста и ако не се зголемат платите во реалниот сектор. Сметам дека сега не е најповолно време бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и ќе го зголеми дефицитот во Буџетот, кажа министерот на брифингот со медиумите.

Промента на ставот на министерот веројатно се должи на бурата рекации од јавноста, но и синдикатите кои се почуствуваа изиграни затоа што покачувања на плати за функционери има, ама нема за нив.

А можеби и зашто зголемените плати на административците ќе значат и зголемени плати на функционерите. По одлуката на Уставниот суд нивните примања се пресметуваат така што коефициентот се множи со просечната бруто плата. Оттука секој раст на просечните примања во државата значи и уште поголем раст на примањата на функционерите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста