Годишна конференција на УМС: Владата симнува ѕвезди само за своите функционери, обичниот народ доживува голема криза

Владата симнува ѕвезди од небото, но тие доаѓаат само до владините функционери, обичниот народ доживува огромна криза, едвај преживува последниов период, порача лидерот на опозицијата Христијан Мицксоки, од 31-та годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. 

Вели дека веќе не може да се верува во зборовите на Ковачевски дека следната година ќе биле подобро, бидејќи според Мицкоски тоа сме го слушале веќе пет години по ред, а секоја следна година е само полошо и полошо.

-Народот доживува една огромна криза, земјава е рекордер по инфлација и рекордер по индексот на мизерија. Како да се платат сметките, шоковите со цените по продавниците, маките со бизнисите и тешките деловни односи се работите што го мачат нашето општество. На сметка на ова Владата зборува за висока политика, симнува ѕвезди од небото, вергла како на расипана лента исти фрази, изјави Мицкоски.

Мицкоски се осврна и надворешната политика на македонската власт. Вели последниве пет години доживуваме големи порази на надворешен план, а сепак ветувана европска иднина никако да ја добиеме.

-Додека имаат полна уста за Европската Унија правејќи криминал и криејќи белосветски пробисвети кои се на црните листи на западните земји. А пак оние слуги притиснати до ѕид, зборам за слугите на власта, кои мора нешто да одработат за да добијат од власта ќе фрлат по некој димна бомба кон опозицијата, колку да направат дефокус од овие вистински теми важни за народот, изјави Мицкоски.

Лидерот на опозицијата ги повика младите активно да се вклучат во државните политики, велејќи дека голем пораз кога гледаме дека студенти протестираат за оброк. Претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов, порача дека време е младите да станат приоритет на власта во државава, а не тие да бидат тема само кога се бараат гласови.

-Премногу време младиот човек и неговите потреби се само за пред избори на политичкиот естаблишмент. Се сеќаваме сите на брдата и долините кои им беа ветени на младите, студентските градови, конкурентни универзтите, младинска гаранција и што уште не, а гледаме дека нашите студенти живеат во студентски домови кои личат на хорор филмови, образование кое со нивните концепти и експерименти тоне се повеќе, изјави Попов.

Мицкоски кажа дека не било прашање дали ќе падне оваа власт, туку кога ќе падне, а тоа ќе било на предвремените парламентарни избори на кои според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата ќе оствари историска победа.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста