ГЕРБ и ПП-ДБ договорија владина коалиција со ротирачки премиери

По пет изборни циклуси и повеќе од две години политичка криза, Бугарија добива нова влада. Бојко Борисов и Кирил Петков формираат нов владин состав за следните 18 месеци. Коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ на Петков доби поддршка од ГЕРБ на Борисов а договорено било и ротирачки премиер за време на соработката.

Првите 9 месеци со новата влада ќе раководи Николај Денков од „Продолжуваме со промените“, а вицепремиер и министер за надворешни работи ќе биде Марија Габриел од ГЕРБ. Вторите 9 месеци од коалициската соработка  Габриел ќе ротира на позицијата премиер, а Денков вицепремиер.

„Промените во првичниот состав во гарнитурата и на структурата на Владата ќе се прават само во согласност со двете страни. Оваа влада ќе работи најмалку 18 месеци со поддршка на првата политичка сила во парламентот “, рече Денков.

„Вториот мандат ќе биде национален и ќе се користи за стабилна влада околу која ќе се формира уставно мнозинство“, рече Габриел.

Приоритет, како што најавија двајцата кандидати за премиер, Денков и Габриел, ќе бидат реформите во законодавството и простапувањето кон Шенген.

Имињата на министрите во новата владина коалиција засега остануваат тајна.

Кога првиот мандат нема да успее, секој нареден значи уште потешки, компромиси и ризици за општеството, цени бугарскиот претседател Румен Радев.

Токму тој, ќе треба да и го врачи вториот мандат за формирање влада на коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.

На 2 април во Бугарија се одржаа петтите по ред предвремени парламентарни избори за две години. ГЕРБ победи на изборите, но со недоволна поддршка за самостојно владеење.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста