Вријат и сливарите: Гледа ли воопшто државата просперитет во овоштарството?

По оризарите и лозарите, денес и сливарите се кренаа на нозе. Со трактори го блокираа регионалниот пат Берово-Делчево. Бараат повисока цена и откуп на модрата слива која во моментот се откупува само во Радовиш и тоа од 6 до 8денари. Го повикаа министерот да дојде и во очи  им каже дали државата гледа просперитет во овоштарството.

„Бараме министерот да дојде овде во Делчево, да организира средба со овоштарите и да каже има ли неква перспектива во овоштарството или да искубиме се и да го баталиме овоштарството„-изјави Јованчо Медарски, сливар од Делчево

Речиси секоја година е ваква, се жалат сливарите. Неизвесен откуп, ниска цена. Потребно е еднаш засекогаш да се реши проблемот. Посочуваат дека изградба на производствени капацитети е единствен спас и за сливата, но и за младите кои масовно се иселуваат од Делчево.

 „Тогаш кога имавме состанок, Трајан Димковски беше ни ветија ќе отворат преработувачки капацитет, дестилерија, сушара. Од тоа ништо, ни најава не видовме„-изјави Ицо Десподовски.

„Работам околу 25хектари овоштарство. Дел се вишни, круши,сливи. Моите деца имат завршено факултети и сега размислуваат со тие 25хектари да заминат во друга држава да печалат„изјави сливар од Делчево.

 Во државата, речиси и да нема ден без протести. Земјоделците се на раб на егзистенција. Производната цена им е повисока од откупната. Револтот и незадоволството кај сите е огромен. За наредниот месец протести најавија и сточарите.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста