Врие во бугарскиот Парламент: Во среда ќе се гласа доверба за Петков, „за влакно“ избегната тепачка

Пред носењето на одлука за европската судбина на Македонија, бугарскиот Парламент ќе гласа доверба за Владата на Кирил Петков. Вонредната седница е закажана за вторник, а судбината на бугарската Влада ќе се знае во среда, кога народните избраници ќе одлучат дали Петков ќе остане на власт.

Овие случувања доаѓаат на само неколку дена пред самитот на Европската Унија каде постои можност да биде тргнато ветото за Македонија, доколку во Бугарија се прифати францускиот предлог за решавање на овој билатерален спор меѓу двете земји.

Неофицијално тој би требало денеска да се најде пред комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание. Околу темата Македонија повторно се огласи и бугарскиот претседател Румен Радев. Порача дека Петков мора да ги тргне сите сомнежи дека се подготвува кревање на блокадата за Македонија.  

-Кабинетот треба да ги отфрли сите сомнежи дека може да отстапи од ветото за Република Северна Македонија. Знаете дека идната недела премиерот заминува во Брисел и треба да опстои на националните интереси. Затоа и народното Собрание и Бугарите треба да знаат однапред и јасно точно каква позиција има премиерот, порача Радев.

За темата Македонија, говореше и пратеникот на БСП, Борислав Гуцанов. Порача дека без исполнувње на сите услови од страна на Македонија, кревање на ветото е невозможна мисија и дека неговата партија ќе гласа против таква опција во Собранието.

БСП ќе гласа против ако не бидат исполнети условите, кои што се решение на народното Собрание уште пред три години и кои се гледиштето на нашата страна. Така што тука компромис не може да има. Не може да има гаранции од втора, трета страна или на Европската Унија. Треба да бидат исполнети условите од страна на Република Северна Македонија, зошто ние го заштитуваме интересот на Бугарија, изјави Гуцанов.

Дека политичката состојба во Бугарија во пресрет на одлуката за Македонија е далеку од добра покажува и инцидентот во Собранието каде дојде до физичка пресметка меѓу пратениците Искрен Митев и Костадин Костадинов.

Премиерот на Бугарија Кирил Петков порача дека не се плаши од избори, но дека тие би биле погубни за неговата држава, бидејќи до декември требало да се изгласаат 22 закони, кои би значеле шест милијарди евра плус во државниот буџет.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста