Време е за избори: Барањето на опозицијата е целосно издржано, ама тешко дека власта ќе прифати

Да имаше власта слух за ставовите и барањата на граѓаните, уште одамна ќе прифатеше избори. Јасно е незадоволството од политиките на Ковачевски и на целиот владин кабинет, а тоа го покажуваат и анкетите. Иако се на ставот дека изборно соочување треба да има, познавачите велат дека власта сепак тешко да го прифати барањето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, одржување на избори на 14-ти или 21-ви мај 2023-та. Поранешниот амбасадор Звонимир Јанкуловски, за Алфа вели дека власта мора да одговара за сите погубни политики.

-Власта малку да размислуваше, да го слушаше што би рекле во политиката гласот на народот, тоа требаше веќе одамна да го направи, со оглед дека политиките кои ги води се погубни за државата. Во основа веќе се прашуваме колку понижувања може да поднесеме и граѓаните и државата како организација, вели Јанкуловски.

Според него на актулната владина гарнитура деновите и се избројани, без разлика дали изборите ќе бидат во 2023-та или во редовниот термин во 2024-та. Јанкуловски вели дека датумот на изборите не зависи само од Ковачевски, клучната улога може да ја има и неговиот коалиционен партнер, Али Ахмети. Според бројките ако ДУИ одлучи да оди на избори, власта повеќе го нема мнозинството.

-Изборите се нужни, дали ќе бидат идната година или ќе бидат по таа година, сепак зависи од констелацијата на односите во власта, односно во владејачката коалиција. Така што да се надеваме дека ќе има слух за она што е барање на народот и барање на опозицијата, сите анкети тоа го потврдуваат недвосмислено, изјави Јанкуловски.

Премиерот Димитар Ковачевски пак не сака да слушне за предвремени парламентарни избори, 2023-та за него била година во која требало да се донесат големи одлуки во Собранието, а не да се оди во изборна трка.

-2023-та нема да биде изборна година, бидејќи прво се уште трае скринингот, кој што треба да заврши некаде во ноември 2023-та година, ние веројатно нема да направиме да го прекинеме скринингот сега после 17 години чекање. Второ енергетската криза нема да застане и економската криза. Трето имаме за носење големи одлуки во Собранието, кои што бараат силен општествен и политички консензус, изјави Ковачевски.

Покрај ВМРО ДПМНЕ избори на пролет побара и опозициската БЕСА, која осоколена од победата на Касами во Тетово, гледа своја шанса да го победи ДУИ и на централно ниво. Лидерот на оваа партија најави дека ако не бидат распишани предвремени парламентарни избори, можно е да излезат и на протести.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста