„Во Фокус“ – Ќе може ли домашните фирми да ги употребуваат трговските марки „Македонија“, „македонско“, „македонски“….?

„Никој нема ексклузивно право да го користи називот „Македонија“, ниту ние, ниту Грција“ – вели за Алфа, Проф. Д-р Ѓорги Филипов координатор на Меѓународната експертска работна група за трговски марки,  имињата и другите облици на интелектуална сопственост, формирана согласно обврските од Договорот од Преспа. Составена од 11 члена, од кои 5 од Македонија, 5 од Грција и еден меѓународен експерт, групата треба да помогне со препораки за постигнување на взаемно прифатливи решенија за овие прашања. Филипов вели дека нашата земја има предност бидејќи во своето име го содржи називот „Македонија“. Сепак, во пракса се чини дека Грција е далеку пред нас, бидејќи како членка на Европската Унија со години претходно регистрирала огромен број трговски марки со ова име. Грчките фирми особено ги засилија своите активности на ова поле околу и по потпишувањето на Преспанскиот договор, кога во тамошната јавност се крена паника дека користењето на називот „Македонија“ за нив е изгубена битка. Во Македонија има околу 3000 фирми кои во своето име го содржат називот Македонија, а во Грција околу 4000. Во земјава постојат и брендови на вина под назив „Македонско Бело“ и „Македонско црвено“ на пример. Засега поплаки немало од ниту една страна.

Во базата на Европската Унија за интелектуална сопственост има 19 активни трговски марки кои го содржат името „Macedonia“. Од нив 16 носители се од Грција, 3 од САД и ниту еден од земјава. Називот „Macedonian“ го заштитиле 13 носители, сите од Грција. Во Светската организација за индустриска сопственост има две активни заштити со името Macedonia, чиј носител е турска фирма. Називот Macedonian го заштитиле 5 носители од Грција, двајца од Македонија и двајца од Србија. Ниту на европско ниту на светско ниво нема трговска марка што го содржи називот MAKEDONSKO НА ЛАТИНИЦА.

Државните заводи за индустриска сопственост на Македонија и Грција добиле и насоки што да прават кога некоја фирма ќе се обиде да регистрира трговска марка со назив кој е спорен за двете земји.

Филипов вели дека големите македонски компании, најчесто оние од прехранбената и фармацевтската индустрија се лидери во регистрирање на трговски марки на меѓународно ниво. Некои од нив задолжително при лансирање на нов продукт го заштитуваат на овој начин. За помалите фирми, пак, заштитата со трговска марка е последното нешто што им паѓа на ум.

Македонската Влада засега нема интерес да ги поттикне фирмите да ги заштитуваат трговските марки надвор или пак да почне некаква кампања за домашни производи. За разлика од кај нас,уште во ноември 2019, грчкиот премиер Мицотакис ја почна кампањата „Macedonia is GReat“со големи букви ГР и М како кратенки со што Грција си го брендираше ова име за трговските марки за производи што се прават на територија на Северна Грција. Освен вербални реакции од македонските експерти, но не и од Владата, Грција ја продолжи кампањата под спорниот слоган.

Инаку, работната група на која мандатот наскоро ќе и заврши може да даде само препораки. Сепак, Филипов советува дека стопанствениците треба да седнат на зедничка маса, бидејќи ако не се разрешат сите отворени прашања навреме, бизнисите од двете земји можат да заглават со години во судските лавиринти борејќи се да докажат кој какво право поседува.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста