„Во Фокус“ – Преспанскиот договор за Грција мајка, за Македонија маќеа; Јужниот сосед не ги промени ниту патоказите

За себе станавме Северна, за соседот останавме ФИРОМ. Додека Македонија ги исплони сите обврски од Преспанскиот Договор, дури и пред време, Грција нема направено ништо, дури ни основни работи како промена на патоказите.
На таблите се уште е испишано само ФИРОМ, без никакви дообјаснувања, го нема ни старото привремено име Поранешна Југословенска Република Македонија, а уште помалку новото уставно име, Северна Македонија.
Најчесто на патакозите се избегнува дури и кратенката ФИРОМ, па на нив пишува Евзони, како што се вика граничниот премин, а од Солун до Гевгелија, само на едно место има знак на кој пишува Скопје.
Пред повеќе од една година, поранешниот градоначалник на Солун Јанис Бутарис при посетата на Скопје, уверуваше дека на ниту еден од сообраќајните патокази во околината на Солун повеќе не пишувало ФИРОМ. Но, состојбата на терен го демантира.

Алфа побара одговори и од грчкото и од македонското Министерство за надворешни работи – зошто не се почитува Преспанскиот договор во овој дел? И од двете институции молк.
Политичките челници на Грција, во повеќе наврати топката ја префрлаа од институција на институција, односно – за патоказите, одговорноста била на локалната самоуправа.
И грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се правдаше дека тоа е локално прашање и немале моќ да влијаат кај локалната самоуправа. За ваквиот став на високите политички инстанци во Грција, лани информираше и претседателот Стево Пендаровско.

Ова една од малкуте обврски што ги презема Грција со Договорот, а Македонија не инсистира на исполнување дури ни на тоа. Но, затоа Грција во секоја прилика потсетува дека ние не сме исполниле се на што сме се обврзале рече СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ – претседател (05.10.2021).

Имплементацијата на договорот треба да продолжи доследно, особено со имињата на јавните субјекти и промената на школските книги. Единствениот пат за да продолжиме напред е да продолжиме да градиме доверба меѓу нас. И се разбира ова е патот за да продолжи интеграцијата на Македонија рече АЛЕКСИС ЦИПРАС – поранешен премиер на Грција (01.07.2021).

Додека Грција се правда дека општините ги имаат ингеренциите за патоказите, иако станува збор за државни патишта, сепак кај нас дури и предвреме беа променети имињата на државните институции и беше избришана придавката „македонски“, па така Операта стана Национална, исто и Филхармонијата, Поштата и многу други. Се одеше дури дотаму што се брусеа шахтите на кои го имаше знамето од Кутлеш.
За Грција патоказите биле општинска обрска, а за Македонија шахтите станаа државен проект.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста