Во фокус: „Македонски Бугари“ ќе затвори едно прашање, ќе отвори низа проблеми

Македонски Бугари, македонски Албанци, македонски Срби…  Не постои таков државник што ќе дозволи во Уставот да се менува целиот дел во Преамбулата каде се внесени етничките заедници, и истите да бидат запишани со придавката “македонски”. Според познавачите, реториката на официјална Софија за внесување на “македонски Бугари” е уште одамна позната, но никој во Македонија не би дозволил такви Уставни измени бидејќи шансите за криза во таков случај ќе бидат големи.

Нема никој тоа да го прифати. Не можете вие да кажете македонски Срби, Албанци, Бугари, Хрвати. Такво нешто не може да се случи. Како прво, тоа се делови на еден народ. Со додавањето на придавката „македонски“ сакате да ги раздвоите од својата народносна матица, тоа нема да се случи – вели универзитетскиот професор и поранешен дипломат Јован Донев.

Во реториката на Софија Донев препознава и поинаков мотив. Да се докаже контроверзната теза, за еден народ во две држави: 

Изјавите што ги користи Радев се изјави кои се користат отприлика над 100 години во Бугарија. Тоа е географска одредница. Тие не отстапуваат од тезата дека постојат само Бугари. Ако сакаат да потенцираат за кои Бугари се работи, велат македонски Бугари – додава професорот Донев.

Вчера министерот за надворешни работи работи отфрли каква било можност за таква терминологија – за него е неприфатлив овој индиректен предлог на Бугарија. Доколку се спроведат уставните измени, тоа ќе биде по теркот кој веќе е познат од меѓудржавни протокол на Македонија и Бугарија потпишан минатото лето.

Румен Радев е последниот во низата кој го начна ова прашање. „Јас бев тој кој успеа да ги убеди сите европски лидери и институции, влезот на македонските Бугари во Уставот “ – рече Радев.

Работните групи за уставните измени се веќе формирани но колку нивните одлуки ќе имаат легитимитет е прашање кое се уште нема одговор со оглед на фактот дека ниту една опозициска партија не номинираше свој претставник.

Отворено е и прашањето дали со измените за внесување на Бугарите, ќе се избрише и формулацијата 20% која се однесува на албанскиот јазик. Некои партии веќе гласањето за уставни измени го условија со оваа измена.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста