Во фокус: Инфлацијата нѐ јаде

Есен 2017-та. Со 2.000 денари полна количка во маркет, доволна за повеќе од една недела.
Есен 2022-та. Со 2.000 денари едвај една кеса производи доволна за неколку дена.

Потрошувачката моќ на граѓаните е во постојан пад. Алфа направи споредба на каталог од еден од поголемите маркети стар пет години со најновиот од октомври годинава.

Лебот порано бил 25 денари, а сега се продава за 65. Брашното од 25 скокнало на 63. Сирењето било 239, а сега е 482 денари. Кашкавалот е речиси двојно поскап, па од 344 цената стигнала до 689 денари. Јогуртот пред пет години се продавал за 48, а сега за 74 денари. Млекото било 45 а сега е 73. Цената на зејтинот од 65 пораснала на 142 денари. Прашокот за перење од 8 килограми се продавал за 799 денари а сега за 1.262.

Граѓаните велат дека секој месец илјадарката вреди помалку.

Драстичниот раст на цените го потрврдува и Државната статистика. Особено годинава инфлацијата излезе од контрола. Според последните податоци трошоците за живот се зголемиле за фантастични 16.8% за една година, а цените на мало пораснале за дури 14.2%.

Најголемо поскапување има кај храната од речиси 26%. Лебот е енромно поскапен, во август годинава се продавал за дури 44% поскапо во однос на истиот месец лани.

И трошоците за комуналии се драстично зголемени – струјата и парното греење се повисоки за речиси 50%.

Во изминативе пет години растеа и платите, но со поспоро темпо од цените. Така, во јули 2022-та просечната изнесувала речиси 32 илјади денари, а во јули 2017-та скоро 23 илјади. Сепак, поскапувањата го изедоа ова зголемување.

Граѓаните на шега велат, барем не плаќаме радиодифузна такса.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста