Во понедeлник седница за реконструкција на Владата, по потегот на Ковачевски, партиите се репозиционираат

Во понеделник ќе се бираат новите и ќе се разрешуваат старите министри за здравство, правда, информатичко општество и животна средина. Од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери информираа дека на дневен ред на 104-тата седница ќе се најде разрешување на министри и заменици министри и избор на нови носители на јавните функции.

На Ковачевски и Таравари им се брза па не го дочекаа претседателот на Алтернатива, Африм Гаши да донесе конечна одлука дали останува во Владата. За сега е познато само дека Гаши изгуби две минстерски места, а му остана само едно и тоа без ресор задолжено за дијаспора. По потегот на Ковачевски, партиите се репозиционираат, Алтернатива утре ќе пресече како понатаму. Демократски Сојуз пак на Павле Трајанов го услови прифаќањето на новиот коалициски партнер на Владата со добивање детални информации за програмските барања на Алијанса на Албанците .Во јавно упатеното писмо до премиерот, Павле Трајанов е дециден дека нема да поддржи нов партнер во Владата доколку тој се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени. 

Во тек се активности за реконструкција на Владата на Република Македонија, при што во Владата се вклучува Алијанса за Албанците. Освен персоналниот состав на Владата, за Демократскиот сојуз и пошироко за јавноста се клучни програмските определби, поради што бараме со програмските барања на АА да се информираат партиите и јавноста. Инаку, не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени – велат од ДС.

Како главни точки во програмата, ДС ги посочува промената на Изборниот законик, неселективна борба против тешките облици на криминал, реформи на судскиот систем, казна затвор од 3 години за партиски вработувања. Од Алијанса за Албанците пак денеска ја презентираа Декларацијата за владините определби, договорена меѓу Таравари и Димитар Ковачевски. Петте приоритети се однесуваат на владеење на правото и борба против корупција, Закон за ветинг, држава за сите со правна застапеност, развојна држава и зелена енергија, реформи на здравствениот систем.

Приклучувањето на Алијанса за Албанците во Владата се заснова на принципите на внатрешна демократија и демократизација на општеството, во време кога Македонија се соочува со голем број кризи коишто ја одредуваат прозападната ориентација на земјата. Алијанса за Албанците ја презема одговорноста како државотворна партија – велат од АА.

Инаку министерот за правда Никола Тупанчевски веќе си поднесе неотповиклива оставка откако Ковачевски се договори со Таравари на негово место да дојде Кренар Лога од Алијанса за Албанците.

Од Собранието информираат дека службите веќе го примиле предлогот за реконструкција на Владата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста