Во ДУИ владеее само привиден мир, фракцијата засега е задоволна со добиени „трошки“, но прашање е до кога?

Смената на Артан Груби од организациски секретар само навидум ги смири страстите во ДУИ. Фракцијата доби трошки, мирот е привремен и можно е ситуацијата во скоро време повторно да ескалира. Експертите сметаат дека смената на Груби е само козметичка, затоа што во реалноста тој и натаму ја има најголемата политичка моќ помеѓу Интегративците. Аналитичарот Џенур Исени смета дека фракцијата сега за сега може да биде задоволна затоа што дел од нив, со добивањето позиции во партијата политички се реинкарнираа.

Фракцијата колку толку доби нешто, откако Груби беше сменет од организациски секретар. Груби сепак се уште ја има најголемата полтичка моќ, сега за сега им е доволно, што успеаа да влезат во огранокот на партијата, бидејќи дел од таа група беа политички мртви, сега се реинкарнирани – вели аналитичарот Џенур Исени.

Доказ дека пожарот во ДУИ не е целосно изгаснат се и изјавите на Муса Џафери, кој пред неколку дена ги критикуваше сите членови на ДУИ кои извршуваат државни функции, дека не смеат да бидат дел од партија. Со ова тој практично влезе во јавна војна со претседателот на Собранието Талат Џафери кој беше критикуван дека според уставот тој и не смее да биде дел од раководството на ДУИ. Џафери возврати дека „никој нема да му забрани да биде дел од партија“, бидејќи Уставот тоа го дозволувало, само доколку биде член, без право на одлучување во партиските органи.

Додека аналитичарите критикуваат, од ДУИ ја смируваат ситуацијата и се фалат дека целиот случај само покажал дека нивната партија е демокрастка, која дозволува јавно да се кажуваат и различни мислења. Арбен Зибери од ДУИ признава дека имало несогласувања, но и покрај тоа, партијата ќе излезела посилна.

Мислам дека е избран можеби најдобриот состав. Сите кои се избрани во раководсството на партијата, се луѓе кои направиле многу за партијата овие 20 години. Спротивното мислење не значи дека ти е противник, тоа е богатство, не треба партиите да бидат затворени. Тоа е вредност, така треба да биде. Луѓето од таа група, имале различни мислења, што во рамките на партијата, се слушаат нивните аргументи, про и контра – вели Арбен Зибери од ДУИ.

Незадоволството кај дел од членовите на ДУИ, исплива на површина кога скопската фракција преку отворено писмо побара реформи во партијата, бидејќи како што наведоа „кадровски избори се претвориле во привилегија на поединецот Артан Груби и дека последните две години немало отчет за работата на Владата и за спроведувањето на политичката програма.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста