Во време на криза општина Чаир распиша тендер за сувенири, чаши, украсни камења, привезоци

И додека Владата крајно неодговорно троши, некои од општините очигледно си се водат по дефиницијата како учителот така учениците. Па така, по моделот за мегаломанско трошење од Владата. Општина Чаир, во време на криза, распиша тендер за сувенири, чаши, привезоци, украсни камења. Сувенирите во тендерот се само за значајни личности од албанската историја. Колку пари на чаирчани ќе потроши општината и зошто сега, не ни одговорија. Рекоа од понеделник ќе ни кажеле.

Општина Чаир ќе купува луксузни сувенири во време на економска криза. Објавила тендер за изработка на леени фигури ама само на албански значајни личности како „Скендербег“, „Мајка Тереза“, „Саат Кула“ и „Хасан Приштина“ – сите овие гравирани од алуминиум. И тоа не е се. Во тендерот кој е објавен на веб страницата на општината, се бара да се купат и 1.000 столици, над 500 чаши и шишиња сувенири, сите гравирани со логото на општина Чаир. Но, не само тоа, на листата се и дрвени привезоци, украсни камења.

Во тендерот никаде не пишува колку пари на чаирчани ќе бидат потрошени за набавка на овие сувенири. Тендерот ќе биде отворен додека на него не се јави најповолен понудувач.

  • Нашата понуда важи за периодот утврден во тендерската документација. Се согласуваме со начинот на плаќање утврден во тендерската документација. Со поднесување на оваа понуда, во целост ги прифаќаме условите предвидени во тендерската документација, се наведува меѓу другото во понудата.

Алфа се обиде да стапи во контакт со општина Чаир, но од таму ни кажаа дека одговор може да добиеме дури од понеделник.

И не е само Чаир. Секојдневно слушаме за чудни и луксузни трошења на народните пари од извршната власт, иако е време на криза. Ова го потврдуваат и ревизорските извештаи. Владата самата апелира да се штеди, а  на дело не си ги почитува ни сопствените апели. Еден од доказите за тоа е што на пример, само за набавка на мебел во ресорните министерства, изминативе неколку месеци Владата потрошила околу 300.000 евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста