Војна на социјалните мрежи – лажни профили шират бугарска пропаганда

Македонско – бугарските односи ги вжештуваат и социјалните мрежи. Бројот на профили кои ги промовираат ставовите на Софија во односот кон Скопје е се поголем. Дејствуваат на повеќе начини – со директни пораки, со коментари на објавите од мејнстрим медиумите, преку цели страници кои се обидуваат да не убедат дека од двете страни на границата живее ист народ. Во сето ова се вклучени бројни лажни профили а очигледно се трошат и доста пари.

Убава девојка или симпатично момче, ве додаваат на Фесбук или Инстаграм и најпрвин почнуваат неврзан муабет, а потоа се префрлаат на политика и на македонско – бугарските односи. Започнуваат да ви праќаат линкови и текстови кои според нив докажуваат дека Македонците и Бугарите се еден народ. Прават се да ве убедат во тоа. Ова е само една од стратегиите на лажните профили на социјалните мрежи кои во последно време ги има се повеќе.

Освен преку директни пораки тие бугарската вистина за македонското потекло ја шират и преку безброј коментари. Речиси и не постои објава на мајнстрим медиумите под која тие не пишуваат како Македонија не постои, како Македонците се измислена нација и слично.

И бројот на страници кои шират бугарска пропаганда е се поголем, а нивните постови најчесто се и спонзорирани за да допрат до се повеќе луѓе.

Само една од нив е таканаречената „Фондација Македонија“ која не крие дека троши пари за промоција на своите објави.

  • „За 28 дена допревме до 155 илјади луѓе во Македонија. Следниот месец ќе стигнеме до 400 илјади“ пишува на Фејсбук, Виктор Стојанов, претседател на Фондација Македонија.

Ова здружение, меѓу другото, добива финансирање и од бугарската Влада.

Тие на социјалните мрежи често објавуваат провоцирачки постови кон Македонија и Македонците. Еден од нив е и географска карта каде се избришани границите меѓу двете држави, а Македонија е претставена како бугарска територија.

  • „Ќе бидеме пак едно, за тоа работиме, за тоа живееме, за тоа се трудиме“, се вели во објавата.

Како и за многу други потези и за овие на „Фондација Македонија“ повторно молк од македонските власти, на многу пати досега поставените прашања дали ќе реагираат, како по обичај одговор никогаш нема.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста