Возењето по Плетвар останува сериозен и многу опасен предизвик

  „Обележете го барем со некоја соодветна сигнализација за да може безбедно да се вози, особено сега во маглите“, „Најлош пат во цела држава, за срамота. Пред некој ден патував, нема ни сигнализација. Страшно“, „Е, ако де, ќе се гради исто како Кичево-Охрид“, се само дел од реакциите на возачите кои деновиве го возат превојот Плетвар, крајно загрижени за својата безбедност. Напоредно со ова, според информациите до кои дојде Алфа, деновиве биле успорени и работите околу асфалтирањето на веќе подготвената траса, а механизацијата била изретчена што создава сериозен сомнеж како ќе се вози оваа делница во престојниот зимски период ?!

   Дека состојбата со лошата патна сигнализација не е ни малку наивна, ни потврдија и од фирма која повеќе од две децении се занимава со ова дејност. Тие изразуваат чудење зошто Надзорот на градежните работи не реагира?!

  „Недоволен број на вертикални бариери за раздвојување на лентите, нема воопшто знаци за престројување и стрелки кои го даваат правецот на движење каде и како да се вози. Необележани градежни машини кои работат на патот каде возачот излегува од кривина. Рачната регулација на сообраќајот е носоодветна, нема времен режим на хоризонтална сигнализација, односно боење на делниците каде е завршено асфалтирањето, а навечер, трепкачки светла воопшто и нема што е особено ризично при возењето, дури и за оние кои добро ја познаваат оваа делница“, – комернтираат за Алфа од „Информа Сигнал“.

    Од Министерството за транспорт и врски пак, уверуваат дека на целата оваа траса, гредежните работи се одвивале во континуитет и дека во моментов немало никаков застој. Прашавме и во ЈП за Државни патишта, од каде оптимистички ни одговорија дека до крајот на месецов ќе биле завршени и асфалтните, и градежните работи на делницата Фариш-Прилеп во должна од 19 км. И тие тврдат дека немало застој ниту во градежните, ниту во асфалтните работи кои ги извршувaле фирмите: „Стентон градба“ и „Грин лајн“, а додека ангажираната фирма „Диви“, редовно го вршела Надзорот.

   Инаку, изградбата на патот Прилеп-Градско го започна уште претходната власт пред повеќе од осум години. Кога дојде новата власт, изградбата ја стопираше неколку години. Откако конечно почна да се работи, имаше две пролонгирања на финишот, за сега да највуваат дека Експресниот пат Прилеп-Градско ќе бидел завршен во 2023 година.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста