Водоводот во Манастирот „Трескавец“ и понатаму останува пуста желба

   Свиен како орловско гнездо во пазувите на Златоврв, Манастирот „Трескавец“, кој со столетија плени со својата духовна полнота и раскошна убавина, а сега и со новоизградените конаци, во очи на престојниот празник „Успение на Пресвета Богородица“, се уште е без ветениот водовод, кој пак е основниот услов за ова балканско светилиште конечно да биде отворено за илјадниците верници и туристи, кои редовно го посетуваат. Старашенита на манастирот, отец Калист, вели дека во моментов, изградбата на водоводот било најгорливото и најболното прашање.

       „Работиме на решавање на тие сериозни проблеми кој што ги имаме, особено со водоводот кој што се уште не успеавме да го надминеме, но се надеваме дека, во добро здравје, следната година веќе ќе биде и тоа завршено“ – ни изјави за Алфа, отец Калист.

         Инаку, ова е втора година како се пролонгира изградбата на насушно потребниот манастирски водовод. Надлежните институции меѓусебно си ја префрлаат топката. Министерството за култура се огради уште лани, упатувајќи на Општината, Министреството за транспорт, пак, упати на тогашната Влада, а додека  Општината пак, која е и носител на проектот, стар 8 години, а вреден 6 милиони денари, се прогласи за ненадлежна и топката ја префрли во НУ „Завод и Музеј“. Оттаму пак, се правдаат со  пропусти во наследениот проект.

       „Околу проектот за водоводот преземаме активности во насока на корекција на постоечкиот проект во кој не е извршено испитување на издашноста на изворот кој е предмет  во овој проект од релевантна институција и неговиот капацитет, колку вода може да се користи и дали ги задоволува потребите  за манастирскиот комплекс“ – стои во соопштението на НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп.

                                          

         Но, и покрај тоа што манастирскиот комплекс, официјално не е отворен за посетители, сепак и денеска во него сретнавме групи на намерници кои дошле од повеќе градови, бидејќи многу слушале за манастирската убавина.

         „Прв пат доаѓаме и воодушевени сме од местото. Мислам дека никаде во Македонија, каде што сме биле досега, немаме нешто вака посебно видено. Нема ништо поубаво од нашата Македонија“, вели Оливера Ѓурова од Росоман.

        „Манастиров е прекрасен, а и околинава каде што се наоѓа е уште поубава“, ни рече постител од Охрид, кој тука беше со своето семејство.

        „Мене ми е многу убаво тука и сум воодушевена. Оваа црква е многу поинаква од црквите на кои што сум навикната во Охрид“, ни изјави малата Лана Трпкоска од Охрид. 

      Манастирот „Трескавец“ датира од 13-от век и е дел од националното културно наследство. Во 2013-та година беше зафатен од силен пожар кој до темел ги пеплоса конаците. Огненаната стихија ја одмина само манастирската црква, а која претходно, на очиглед на сите, со децении се распаѓаше. После пожарот, напоредно со возобновувањето на конаците, се пристапи и кон нејзината конзервација која е во тек и чие завршување е неизвесно.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста