Внесувањето на Бугарите во Уставот „мириса“ на Преспа – расте притисокот за нова отстапка, но без гаранции за ЕУ иднина

„Уште ова и готово – се ќе тргне“. Колку пати македонските граѓани ја имаат слушнато оваа порака од меѓународната заедница?! Брисел и Вашингтон го засилуваат притисокот што поскоро да ги направиме уставните измени, но немаат никакви гаранции дека тоа ќе не донесе поблиску до Европската Унија. Слично како пред потпишувањето на Преспанскиот договор, кога ни беше ветувано дека уште таа тешка одлука и ќе почнеме пристапни преговори, а наместо тоа добивме само вето. Македонија е сведок на дипломатски притисоци – Макрон, Шолц, Борел, Фон дер Лајен, и сите амбасадори на земјите членки на ЕУ го повторуваат истото – сега треба да се искористи моментумот. Но сето ова се случува во период кога и самиот претседател  на Франција Макрон, признава дека Унијата треба да се реформира пред да прими нови членки.

Според претседателот на собраниската комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски, ставовите на официјален Париз се показател дека надежите на Владата за членство во ЕУ до 2030 година се само политичка реклама. 

Макрон вчера во Братислава за процесот на проширувањето на ЕУ изјави: Сегашното статус-кво не е опција, но и брзото проширување со нови членки, а без претходни реформи на институциите на ЕУ, исто така не е опција. Ваквиот став некому може помалку да му се допаѓа, но барем треба да се цени тоа што Франција јасно ги искажува своите ставови. Затоа, доколку внимателно да се анализираат позициите на официјален Париз, не е тешко да се заклучи дека најавите за полноправно членство на Македонија во ЕУ до 2030 година се владина политичка реклама – напиша Милошоски.

Никој не гарантира дека и по внесувањето на Бугарите во Уставот, нема да бидеме блокирани од друга земја членка, а можеби и повторно од Бугарија. Како што никој не гарантира дека ЕУ ќе си ги остави реформите на страна, за Македонија да стане дел од Унијата.

Ништо во животот нема гарантирано, освен смртта. Ако некој верува дека нашиот прием во ЕУ е нешто што е сигурно, тоа во најмала рака е наивност. Мислам дека овие денови е посериозна пораката која ни ја упати Фон Дер Лајен, која рече дека политиката на ЕУ кон кандидатите се сведува на четири столба: Проширување на пристапот до единсвтениот пазар, пооглема економска соработка, реформи, и поголема пристапност до нивните фондови. Многу јасно е дека проширување нема. Сите овие четири столба покажуваат дека ние сме далеку од ЕУ – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Уставните измени и реформите внатре во  ЕУ не се единствените пречки – меѓународната заедница во секоја прилика реагира дека земјава мора да си ги заврши домашните задачи во однос на борбата против криминалот и корупцијата но и реформите во правниот систем. Критики стигнуваат од САД и од амбасадори на речиси сите земји членки  на ЕУ кои состојбата во судството ја оценија како катастрофална а борбата против корупцијата слаба. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста