ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се плаши од народот, Левица ќе поднесе нова иницијатива за референдум

„СДСМ и нивниот извршител Талат Џафери избегаа од народот но само моментално – одговорност ќе има кога ќе бидат поразени“ – жестоки реакции од ВМРО-ДПМНЕ откако собраниот спикер ја отфрли Иницијативата за референдум повикувајќи се дека не била уставна.

Левица која даде поддршка на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Џафери наместо како претседател на Собранието се однесува како окупатор. Последната одлука на спикерот само го докажува фактот дека во Собранието владее самоволие, и тоа мора да престане.Тие најавија нова иницијатива за референдум со цел поништување на Договорот за добрососедство, а доколку и таа биде отфрлена, заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокираат собранието. Пратеникот Борислав Крмов најави дека по консултациите со правните експерти ќе биде објавена точната формулација на референдумското прашање.

СДСМ, и покрај критиките од опозицијата, продолжува да го брани ставот на Џафери. Иницијативата била неуставна и ВМРО-ДПМНЕ знаеле дека нема да успее.

Дали Уставот правилно се толкува во храмот на демократијата, дали Џафери постапи правилно или ја злоупотреби функцијата па како прв меѓу еднаквите направи нешто за кое нема ингеренции – ова се само дел од прашањата кои произлегоа од отфрлањето на иницијативата за референдум, за што дел од експертите критикуваа дека ова ќе предизвика дополнителна поларизација помеѓу и така поделените партии.

Според министерот за правда Никола Тупанчевски Иницијатива за распишување референдум имала правни аномалии и недостатоци што ја правеле недоволно добра од правен аспект за постигнување на една замислена цел. Пред иницијативата да биде поднесена, требало да се земат предвид одредбите  од Уставот, Законот за референдум и собранискиот Деловник.  

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста