ВМРО-ДПМНЕ: Постои план на СДСМ да се отфрли иницијативата за референдум

Иницијативата за референдум за поништување на Договорот со Бугарија е уредна и секој обид да се опструира ќе биде без основа, тврдат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако пратеници на СДСМ вчера за дел од медиумите брифираа дека партијата која го поднесе предлогот го избегнала новото уставно име на државава. Опозицискиот пратеник Миле Лефков предупредува дека владејачката партија подготвувала план да ја отфрли иницијативата.

Во таквото сценарио главна улога треба да одигра Талат Џафери, кој само ќе го спроведе даденото од Ковачевски .Власта знае дека огромно мнозинство од народот кој ќе излезе на Референдум ќе гласа за поништување на договорот со Бугарија, и затоа бега. Народот ќе излезе на Референдум затоа што знае дека договорот со Бугарија е коренот на сите негации на македонскиот јазик, историја, идентитет. Референдум мора да има, затоа што тој е највисока форма на демократија. Апелираме до антимакедонската СДС и Ковачевски, да не се дрзне да го помножи народот со нула – изјави пратеникот Миле Лефков.

Во меѓувреме, течат собраниските рокови откако во петокот беше поднесена иницијативата до собраниските служби. Според Деловникот на Собранието, најдоцна до вторник на полноќ, Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија треба да дадат мислење дали предлогот е уреден. Ако мислењето е позитивно, претседателот на Собранието Талат Џафери има рок од три дена да и даде зелено светло на опозиицската партија да почне со собирање на 150.000 потписи.

Поранешниот собраниски спикер, Трајко Велјановски вели дека ако работните тела постапат деловнички,  мислењето на собраниските комисии во поглед на иницијативата за референдум со сигурност ќе биде позитивно, бидејќи според него сите услови се исполнети.

Сѐ е чисто и сите услови се исполнети. Прво, собрани се минимум 100 потписи и референдумското прашање е формулирано согласно Законот за референдум и не е спротивно на Член 28 став 3 од Законот за референдум, кој вели дека не може да се распише референдум за прашања кои се гласаат со Бадентерово мнозинство. Овој закон за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, согласно стенограмите, изгласан на седницата број 30 одржана на 15 јануари 2018 година, не се гласал со Бадентерово мнозинство. Тоа значи дека иницијативата за референдум е чиста како солза – изјави поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјановски, за ПлусИнфо.

Инаку, уште минатата недела, претседателот на Собранието во интервју за РСЕ изјави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ ги собере потребните потписи за референдум за уставните измени, ќе бидат испочитувани деловничките процедури и референдумот ќе го стави пред пратениците.

ВМРО-ДПМНЕ побара од власта, заедно со Референдумот, да се организираат и предвремени парламентарни и претседателски избори иако во повеќе наврати и премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски беа децидни дека не е време за предвремени избори.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста