ВМРО ДПМНЕ обелодени нови детали од аферата „Паразити“

Македонските директори како да се директори во Германија – опозицијата критикува дека земаат илјадници евра од државните институции додека најголем број од работниците работат за минимална или под просечната плата.

Во аферата „Паразити“ за која зборува ВМРО-ДПМНЕ денеска на листата се најдоа уште четворица функционери кои земаат месечни плати неколкукратно поголеми од минималната, додека народот тоне во сиромаштија.

Дел од аферата Паразити е Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за Цивилно воздухопловство, кој зема плата од 203.000 денари месечно. Односно 3.300 евра месечно. Тоа се 40.000 евра за една година. Додека народот има просечна плата од 470 евра, за Тунтев од СДС тоа се 3300 евра – изјави Ивица Томовски член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Јавноста ниту го видела Тунтев по заминувањето од функцијата пратеник, ниту слушнала за неговата работа.

Од опозицијата велат дека власта се луксузира во време кога инфлацијата е 20 проценти, цените на храната се зголемени за дури 30 проценти, а граѓани за лекување во странство собираат пари со донации.

Дел од аферата Паразити е и директорот на ПУИК, Зоран Ѓорѓиев, со месечна плата од 105.000 денари. Истиот за една година наплаќа 1.260.000 денари, односно 21.000 евра. Никола Љушев како дел од УО на Телеком зема месечна плата од 713.000 денари, односно 11.500 евра. За година дена тоа се 139.000 евра, а за еден мандат од 4 години 560.000 евра. Љупчо Зиков, дежурен аналитичар на власта, а во принцип именуван функционер месечно од МЕПСО зема 80.000 денари, што за една година е 960.000 денари или 16.000 евра. Во текот на еден мандат тој од оваа енергетска компанија ќе инкасира 54.000 евра – вели Томовски.

За ВМРО-ДПМНЕ спас од оваа криза се предвремени парламентарни избори, иако со тоа ни под разно не се согласува владејачката коалиција.

Претходно опозицијата обвини дека, Фахрудин Хамиди, еден од директорите во М-Нав земал плата во висина од 345 илјади денари, а неговиот колега Владо Крстевски 266 илјади денари.

Адријана Алексиека

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста